Македонците од Грција и Бугарија - заеднички до своите права
6 октомври 2008Македонското малцинство во Грција и во Бугарија одлучи заеднички да ги бара своите права пред европските институции. Заедничка делегација на партиите „Виножито“ и „ОМО Илинден – Пирин“ пред високите претставници на Советот на Европа го изнесе прашањето за третманот на малцинствата во нивните матични држави. Претходно, проблемите со кои се соочуваат при остварувањето на основните човекови и малцински права тие ги изнесоа и во Варшава, на годишната средба на ОБСЕ, посветена на човековите права.
Двете држави ги преземаат лошите примери една од друга
Партиите, „Виножито“ и „ОМО Илинден – Пирин“, кои се членки на европската политичка партија „Европска слободна алијанса“ и „Домот на македонската култура“ од Грција имаат исти проблеми. Грција и Бугарија како да учат една од друга како да го дискриминираат македонското малцинство. Ниту едната ниту другата држава не ги почитуа меѓународните стандарди, вели Павле Воскопулос од „Виножито“..
Во Стразбур и Варшава делегацијата го отвори прашањето за непочитувањето на пресудата на Европскиот суд за правата на човекот, за регистрација на „Домот на македонската култура“ во Лерин. Десет години по донесувањето на пресудата, регистрацијата е изгубена во лавиринтите на грчките судови.
Македонците од Грција се пожалија дека грчките влади одбиваат да признаат постоење посебен македонски етнички идентитет и македонски јазик. Грција, рекоа тие, не ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Ова е слично на проблемот со нерегистрацијата на партијата на Македонците во Бугарија.
Бугарската влада и судовите долго време одбиваат да ја регистрираат „ОМО Илинден - Пирин“ како партија. Македонците во Бугарија веќе 18 години ги бараат своите права како малцинство, вели Стојан Георгиев од оваа партија.
„ОМО Илинден - Пирин“ се жалеше и на притисоците кои доаѓаат од највисоките државни и политички раководители, како и опасноста да не можат повторно да излезат на избори, ако партијата не биде наскоро регистрирана.
Првите резултати стигнуваат
Напорите на Македонците од Грција и Бугарија започнуваат да носат плодови. Комитетот на министрите на Советот на Европа беше повикан на повеќе наврати да даде објаснување од некои членови на ПС на СЕ, зошто партијата ОМО Илинден Пирин сé уште не е регистрирана, исто како и за непочитувањето на правата на Македонците од Грција. Покрај редовните посети на експертите на СЕ на овие две земји, при ПС на СЕ е поведена инцијатива за отворање на расправа пред Паневропската асамблеја за враќање на државјанствата и имотите на Македонците од Грција.