1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авионите на сервис, со пожарите се борат Херкулес и Спартан

ДТЗ
10 август 2021

Надлежните најавуваат дека во Шпанија ќе се сервисираат трите авиони за гаснење пожарите, додека огнетата стихија во земјата ја гаснат хеликоптери и авиони од Романија.

https://p.dw.com/p/3ymsP
Nordmazedonien Löschflugzeuge während des Trainings
Македонските противпожарни авиони досега беа видени само на тренинг-вежбаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Трите Ер трактори кои изминативе две години чекаа во хангари за да бидат оспособени за лет, наскоро заминуваат на сервисирање во Шпанија. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути за ДВ вели дека ја потпишал одлуката за сервисирање на авионите со операторот од Шпанија, по што се очекува за да почнат домашните и меѓународните процедури за нивен транспорт. 

И вицепремиерот Артан Груби најави дека во најскоро време авионите ќе бидат однесени на сервис, иако тоа ќе чинело многу повеќе од предвиденото во тендерот. Тој вели дека цените се нагло пораснати повеќе од 50 проценти од она што е предвидено во тендерската постапка и затоа пропадале претходните две постапки. 

Сервисирањето трае од месец и половина до два, што значи дека авионите ќе можат да бидат ставени во функција пред октомври. Сервисот е со важност од само една година, а чини околу 400 илјади евра. 

Сведоштва од Будинарци

-повеќе на темата: Продолжува битката против пожарите во Малешевијата- на помош и романски авион

Додека македонските авиони „фаќаат“ прашина во хангарите, огромните шумски површини зафатени од пламен ги гаснат романските Спартан и Херкулес. Противпожарното летало C27 Спартан е првиот авион кој пристигна од Романија за да ги гаси пожарите во Македонија. Покрај Спартан канадер, Романија како помош испрати уште еден многу поголем авион за гаснење на пожарите – Херкулес 530. Станува збор за товарен авион кој е прилагоден дополнително за гасење на пожари. Овој специјализиран авион со себе носи материјално-технички ресурси, носи луѓе, пожарникари и шест тонски кеси наполнети со вода и при летањето на подрачјето кое му се задава како координати за активен пожар тие се хидраулични и во форма на падобран бомба се концентрираат на пожарното дејствие каде практично е изворот на жариштето на пожарот. 

Повеќе на земја , отколку на небо

Иако надлежните во изјавите често ги нарекуваат авионите за гаснење пожари - канадери, Дирекцијата за заштита и спасување располага со три Ер-трактори „Фајрбос” кои имаат носивост од 3 илјади литри во резервоарите. Станува збор за различни авиони, од различен производител, но со слична намена. Армијата, пак, располага со неколку хеликоптери кои изминативе години го понесоа најголемиот товар за гаснењето на огнените жаришта во земјата. 

Waldbrände in Nordmazedonien
Познавачите на состојбите велат дека „Ер тракторите“ почесто биле на земја, отколку на небо изминативе години. Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Познавачите на состојбите велат дека „Ер тракторите“ почесто биле на земја, отколку на небо изминативе години. Но, првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, за ДВ тврди дека проблемот настанал само во изминатите две години. Претходно авионите биле редовно сервисирани и оперативни. Само еднаш изминативе години се случило тие да останат приземјени поради проблем со сервисирањето. 

-повеќе на темата: Малешевци за австриската опрема: Доживеавме културен шок!

Австриските доброволци земале одмор за да гасат пожари во Малешевијата

Премиерот Зоран Заев на 2 август, кога избувна пожарот во Кочани, кажа дека веднаш ќе биде донесена одлука за нивно сервисирање. „Канадерите се приземјени, Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање и тоа уште утре ќе го направи, за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки. Треба брзо да се делува и верувам дека Бирото за јавни набавки, со одлука на Влада доколку е потребно, ќе направиме брза интервенција за сервисирање, односно одржување“, изјави Заев. 

Но, неколку дена подоцна надлежните информираа дека има проблем да се најдат компании за сервисирање на канадерите. „Има недостаток на компании за сервисирање, регистрирање, одржување и лиценцирање во регионот. И многу често жалбените постапки согласно законот за јавни набавки никако не завршуваат. Овие денови побаравме можност преку Бирото за јавни набавки по пат на преговарање, да се ангажираат најблиските фирми отворивме можност, амбасадите преговараат, Влада со Влада со Хрватска. Затоа што нивните воени служби ги имаат лиценците и можат да го направат сервисирањето на канадерите“, изјави Заев. 

Промашена инвестиција?

„Ер тракторите беа промашена инвестиција. Скапи се за одржување и тешки за полнење. Можеше да се купи еден Канадер кој ќе беше стациониран во Охрид и ќе дејствуваше на тој реон, со оглед на тоа дека Галичица е национален парк“, укажуваат пожарникарите. Тие сметаат дека место Ер тракторите, земјата требала да купи повеќе хеликоптери, коишто ќе помагаат активно за гаснење на огнената стихија.

Поранешниот командант на Противпожарната бригада на Скопје, Благоја Менковски, кој е во пензија, за ДВ вели дека во 2010 година кога станало збор за купување на авионите, пожарникарите се залагале за набавка на хеликоптери со ведра, со голема носивост на вода, место Ер тракторите коишто биле купени.

Waldbrände in Nordmazedonien
Во 2010 година кога станало збор за купување на авионите, пожарникарите се залагале за набавка на хеликоптери со ведра.Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Но, првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути вели дека  македонските Ер трактори се во многу подобра ситуација од авионите коишто ги имаат земјите во регионот. „Ер тракторите ги гаснат пожарите со блага вода, што е предност, оти солената вода создава корозија“, вели тој. 

Според него, канадерите не се опција за Северна Македонија. „Тие можат да се полнат со вода од аеродром или од Охридското Езеро. За Ер тракторите има мапа на повеќе локации од коишто можат да црпат вода“, објаснува Максути.

Авионите ЕР- трактор, коишто се од американско производство, имаат капацитет од 3.104 литри вода и потребни се 10 секунди за целосно да се наполни резервоарот, а авионот може да лета во услови на голема надморска височина и на температури до 49 степени.Но, нивната слаба страна е што се мали авиони, чувствителни на метеоролошките услови, особено на силен ветер што често ја ограничува нивната употреба и она што е најважно, а за што беа места на чести критики изминативе денови, кога огнот се закануваше да проголта многу домови, е што Ер тракторите, поради стандардните процедури, не предвидуваат летање во ноќни услови.

Битката со пожарите во Малешевијата