1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска влада: За секој предлог за името ќе има референдум

АТ/ макфакс10 јули 2013

Преку соопштение македoнската влада денеска објави дека за секој предлог решение на спорот за името граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат на референдум.

https://p.dw.com/p/195qd
Фотографија: DW

Конечниот збор за секоја идеја, предлог и решение на спорот за името ќе го имаат граѓаните на референдум, а vладата нема јавно да коментира во однос на преговорите со Грција.

„Со оглед на фактот дека грчката страна се' уште се нема произнесено по идеите на медијаторот, и имајќи ја предвид негативната кампања која што се јави во Грција непосредно по презентацијата на последнaтa идеjа на Нимиц, цениме дека нема потреба од јавна дискусија по идеите. Доколку има позитивен одговор од грчка страна, владата ќе ја информира целата јавност, како и сите општествени фактори за идеите, и ќе се обиде низ еден консензус да продолжи во дискусијата за предлогот“, се вели во соопштението од Влада на Р.Македонија.

„Ние ќе останеме посветени на процесот и ќе се заложиме за негово динамизирање и интензивирање на највисоко ниво со цел надминување на препреките и предизвиците, а се' во моментов зависи од одговорот од грчка страна“, велат од македонската влада.

Македонскиот премиер Никола Груевски минатата недела упати писмо до својот грчки колега Андонис Самарас со кој побара средба со цел забрзување на преговарачкиот процес, како и формирање на посебни преговарачки тимови, но од Атина се уште нема одговор на ова.

Вчера пак, околу последниот предлог на Нимиц, јавно проговори и лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој соопшти дека последниот предлог гласи „Горна Република Македонија“, и дека истиот треба да преставува основа за продолжување на разговорите со јужниот сосед.