Македонија стави потпис на договорот за „Јужен Тек“
23 јули 2013Договорот од македонска страна го потпиша вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во Москва. Вклучувањето на Македонија во проектот „Јужен тек“ е од стратешко значење за Република Македонија кое ќе обезбеди вклучување на Македонија во меѓународните транспортни коридори и стабилен извор на гас за идните генерации.
„Ова е исклучителен значаен проект за нас затоа што со 'Јужен тек' практично на долг рок се гарантира енергетската стабилност на Република Македонија, се обезбедуваат нови количини на гас, што ќе направат и проектот за внатрешна инфраструктура за пренос на гас во Македонија да добие една поголема смисла“, изјави за време на викендот македонскиот премиер Никола Груевски.
Гасоводот „Јужен тек“ треба да заврши до 2015 година, кога ќе протечат првите количини гас кон Централна и Јужна Европа. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 проценти од вкупните потреби на Европа.
Македонија во јули минатата година влезе во проектот „Јужен тек“. Земјата се вклучува со крак, а од каде ќе се гради дали од Србија или Бугарија треба да одлучи рускиот енергетски концерн „Газпром“. Изградбата на гасоводот почна во декември 2012 година.