1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија нема на што да се надева во Њупорт

Силвера Падори-Кленке4 септември 2014

Проширувањето на НАТО не е тема на самитот во Велс. Како што дознава ДВ, причина се другите теми и „неисполнетите предуслови“, со што за Македонија се повторува Букурешт.

https://p.dw.com/p/1D6CU
Фотографија: picture alliance/chromorange

„Доколку самитот на НАТО се случеше во помирно време, како што впрочем порано се размислуваше, тогаш сигурно на дневен ред ќе се најдеа и опциите околу проширувањето. Секако дека кризата во Украина и деструктивната и агресивна акција на Русија делуваа првично зацртаната агенда да се дополни и прошири. Фокусот на самитот во Велс се става на прашањата: како НАТО ќе се справи со новата закана, како ќе се редефинираат односите со Русија“, изјави за ДВ Торстен Фрај, пратеник на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот и известувач за Македонија. Поточно, како што забележува тој, „НАТО ќе треба да даде одговор на незапирливиот конфронтирачки курс на Путин со кој е згазено врз целокупната соработка од минатите години“.

„Јaс не мислам дека овој самит ќе може да се расправа за проширувањето односно за нови членства или продлабочување на партнерствата. Сериозните кандидати, меѓу кои ја вбројувам и Македонија, се наоѓаат на исток, односно меѓу НАТО и Русија. Во актуелнава криза, ваквите размислувања само ќе долеат масло на огнот. Токму сега станува збор за тоа да не дојде до прекинување на нишките за разговори. Ова, меѓутоа, не значи дека обврските и ветувањата (дадени од НАТО, н.з.) ќе бидат повлечени. Во случајот со Македонија, меѓутоа, мора да кажам дека се' уште состобата ја отежнувa нерешениот спор околу името со Грција“, објаснува Торстен Фрај, кој изминатиtе два дена, токму пред самитот на НАТО во Њупорт, престојуваше во Македонија и имаше средби со претставници на власта и опозицијата.

Интереси и стравови

Значи и шест години по Букурeшкиот и две по самитот на НАТО во Чикаго , и покрај најавите за отворени врати за нови членства, Алијансата останува затворена. Иако уште во Чикаgо тогашниот држaвен секретар Хилари Клинтон кажа дека „ова ќе биде последен самит на кој нема суштински напредок во проширувањето на НАТО “, и во Њупорт оваа тема е заобиколена.

Rumänien NATO Gipfel in Bukarest Gruppenfoto
По Букурешт Македонија и натаму во мисии на НАТО, но не и полноправна членкаФотографија: AP

Од денес напладне (4. септември), кога стартува дводневната средба на врвот на НАТО, целото внимание во Велс ќе биде насочено кон актуелните светски жаришта: Украина, односите со Русија , Авганистан, Ирак. Конкретно НАТО ќе треба да одлучи како ќе се позиционира наспроти Русија и како ќе ја гарантира безбедноста на балтичките држави, во кои живее руско малцинство. За ова, како дознава ДВ од владини кругови, се планира создавање на брзи единици за интервенција кои би можеле да делуваат за само неколку дена. Истовремено, бројот на вежби и воени маневри во Балтикот би се зголемил, со што НАТО би презентирал засилена присутност на источната граница. Со ова, пак, како велат експертите, нема да бидат нарушени документите за односите меѓу НАТО и Русија од 1997 година.

Thorsten Frei CDU
Можеби во иднина Европскиот совет ќе биде соодветен формат за решение на името - Торстен Фрај (ЦДУ-ЦСУ)Фотографија: picture-alliance/dpa

Во текот на денешниот ден ќе има и разговори меѓу претставниците на 33-те држави кои учествуваат во ИСАФ (меѓу кои е и Македонија) и на Авганистан. За денес е предвидена и расправа за случувањата во Ирак и Исламската држава. Но, она што за Македонија е интересно е утрешното заседание на Северноатлантскиот совет, на кој ќе се разговара за подготвенсоста на НАТО, партнерствата, одбранбените капацитети, „проширувањето со партнерите кои чекаат пред врата“.

Ова последново – проширувањето, како што дознаваме од владини кругови, практично можеби ќе биде само споменато, но воопшто нема да е во фокусот на дискусиите. Како што се вели: поради „другите теми“, но и поради тоа што „се' уште не биле исполнети бараните предуслови од Алијансата“. Како што нагласува нашиот извор, во Црна Гора и натаму фокусот е на дијалогот кој се очекува да заврши до крајот на наредната година, во Босна и Херцеговина треба да се спроведат националните реформи, а „Македонинја, иако од 2008 година и’ е ветено, полноправното членство ќе се исполни кога ќе се реши спорот со името со Грција“.

Името останува потврден камен на сопнување!

Но, и во случај од Њупорт да нема никаква официјална изјава за проширувањето и да владее молк, како што истакнува д-р Патрик Келер од фондацијата „Конрад Аденауер“ во својата августовска анализа пред самитот во Велс, „овие прашања (проширувањето, н.з.) задкулисно сигурно дека имаат улога. Тие влијаат не само на конкретни одлуки во процесот на проширувањето, туку исто така ги одразуваат основите на саморазбирањето на Алијансата“. Независно од ова, меѓутоа, факт е дека и натаму спорот со името останува пречка на Македонија на секое нејзино раздвижување во насока на ЕУ или НАТО - сеедно!

Heinz-Joachim Barchmann MdB
Внимателно со проширувањето! Хајнц-Јоахим БархманФотографија: DW/S. Padori - Klenke

„Се надевам дека новиот преговарач за името Васко Наумовски, со кого во вторникот водев разговори во Скопје, ќе може да даде нови добри импулси. Едновремено очекувам дека скорешните размислувања на медијаторот Нимиц за решение на спорот наскоро ќе може да добијат своја конкретна форма. Затоа посакувам за натамошен развој на Македонија премиерот Никола Груевски и неговиот грчки колега сериозно да дискутираат за една компромисна линија“, изјави за ДВ Торстен Фрај, подвлекувајќи:

„Истовремено, очекувам дека Грција ќе преземе јасна конструктивна улога во решението на конфликтот. Не е прифатливо една членка на ЕУ сопствениот проблем со еден сосед да го претвори во проблем на целата заедница и да го спречува натамошниот развој на Македонија. Можеби и Европскиот совет во иднина ќе биде еден соодветен формат за решение на спорот со името“, констатира Торстен Фрај.

Дека ситуацијата во светот е мошне комплкувања, па кога се во прашање и новите проширувања треба добро да се размисли, смета и социјалдемократот Хајнц-Јоахим Бархман.

„Важно е НАТО да не направи кратковидни одлуки во справувањето со Русија, туку да развие долгорочна стратегија. Обезбедувањето на предупредувачки ефект на одбранбениот сојуз е само еден елемент. Останатото мора да се фокусира на политичкото ниво и дипломатските преговори со кои би се обезбедила натамошна деескалација. Од бројните разговори со политичари на Балканот и некогашните советски републики кои не се членки на Алијансата, имам впечаток дека загриженоста е засилена. Дури и со вклучување на членките кои веќе ја изразиле својата намера да бидат дел од НАТО, мора да се дејствува мудро и да се размислува за руските реакции. Посакувам одлуки од самитот со кои ќе се зајакне натамошната кохезија на одбраната на Алијансата“, коментира за ДВ и Хајнц-Јоахим Бархман, пратеник на СПД и вицепретседавач на Комисијата за Европската унија во Бундестагот.