Меѓу хуманиот и безбедносниот аспект од „Арапската есен“
26 август 2015Голема загриженост владее во Македонија по проценките на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), дека во наредниот период се очекува во оваа земја дневно да пристигнуваат по околу 3.000 мигранти.
„Не очекуваме да запре приливот на луѓе во наредните месеци, имајќи предвид дека продолжуваат насилствата во Сирија и во Ирак, како и влошувањето на условите за бегалците во Турција, Јордан и во Либан. Европа може да се справи со мигрантската криза ако бидат преземени соодветни мерки“, изјави за АП, портпаролката на УНХЦР, Мелиса Флеминг.
Куфери пакуваат 15 милиони Сиријци
Прогнозираната бројка може да биде уште поголема, ако се имаат предвид информациите што ги пренесуваат регионалните медиуми, дека околу 15 милиони Сиријци кои се‘ уште се во земјата, исто така ги пакуваат куферите за пат кон Европа. А нивниот пат до најпосакуваните дестинации води токму преку Македонија, држава која сама, со свои ресурси се справува со мигрантскиот бран.
„Осумдесетина илјади евра по сите основи се влеани во Македонија како помош за бегалската криза, главно преку ЕУ фондови за Црвениот крст. Тоа се трошоци кои веројатно на дневна основа се трошат во Македонија за ангажирање на сите ресурси, било да се тоа полициски, за регистрација или за обезбедување на границата и нелегалните премини“, изјави деновиве министерот за надворешни работи, Никола Попоски и најави дека за проблемот со мигрантите ќе се разговара на конференцијата за Западен Балкан што ќе се одржи в четврток во Виена.
Освен неколку компујутери за регистрирање на бегалците, добиени како донација од Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Македонија не добива никаква помош, а има огромни трошоци.
„Околу 800.000 евра се месечните трошоци на МВР директно поврзани со бегалскиот бран“, вели Иво Котевски, помошник -министер за односи со јавноста во МВР. Во нив спаѓаат дневници и храна за полицајците кои се дополнително распоредени на граничните премини и зелениот појас, за гориво, за сервисирање на теренските возила. Од Министерството за здравство не можат да кажат константна бројка, бидејќи таа секојдневно се менува според обемот на мигрантскиот бран. Се трошат средства за дезифекција на просторот и превозните средства, за лекови и болнички услуги за бегалците кои се хоспитализираат, а се зголемува и бројот на породувања.
„Подготвени се протоколи за постапување во различни околности и тенденцијата е да се користат сите ресурси кои се на располагање во здравствениот систем. Токму затоа, во зависност од потребите може да бидат вклучени и матичните доктори, со цел навремено обезбедување на потребната медицинска помош“, велат од Министерството.
Изгубено многу време
Најавите за нови и големи мигрантски бранови, го отвораат прашањето како Македонија ќе го менаџира тој процес - од една страна да овозможи спроведување на законите и заштита на суверенитетот, да има контрола кој се движи низ земјата, а притоа да не биде потценета хуманата димензија? Според обемот на прилив на мигранти, тоа воопшто нема да биде едноставно, вели Трпе Стојановски, професор на Факултетот за безбедност и поранешен директор на МАРРИ центарот (Migration, Asylum, Refugees Regional Initiative).
„Македонија манифестираше високо ниво на солидарност и хуманост, во што предничеа граѓаните и НВО, а во тој процес позитивно се однесуваа и државните институции. Но, мора да се има предвид и другата страна - безбедноста, на која, ако не и‘ се пријде професионално, најчесто се случуваат импровизации. Во планирањето на претходните законски измени, прилично лесно се интегрираа барањата од граѓанскиот сектор, за овозможување на легален престој/минување на територијата на Македонија во рок од 72 часа. Невладиниот сектор може да предлага решенија, но државата мора да има проценка како ќе се одразат овие промени, бидејќи одговорноста за донесените закони е пред се‘ нејзина. Не велам дека овие измени се лоши, но мораше истите да бидат 'тестирани' од аспект на факторите на привлекување: колку постојните законски решенија придонесоа сегашната рута која минува и низ Македонија да е убедливо доминантна во споредба со останатите патни правци“, вели Стојановски.
И според аналитичари, властите со законските измени посредно ја „прогласиле“ Македонија за транзитна рута. Притоа, пропуштиле многу време за превентива и стратегија, ако се има предвид дека процесот на миграција од Сирија, Авганистан и Ирак почна во 2013 година, а сега достигнува кулминација, со која државата тешко се справува.
Кај нас не е ставен акцент ни на хуманиот, ни на безбедносниот аспект, вели воено-политичкиот аналитичар, Благоја Марковски.
„Со ненавремено дејствување власта придонесе да се создаде оваа ситуација, за сега повеќе да дејствува маркетиншки отколку содветно на ситуацијата. Властите во Македонија задоцнето се вклучија во разрешувањето на состојбите, при што не само што имавме несоодветен одговор кон овој феномен, туку во одредени моменти и нецивилизациски и нехуман однос кон мигрантите“, вели Марковски. Според него, оваа состојба ќе има повеќе импликации. На индивидуален план, можни се поединечни злоставувања, па и нанесување материјална штета на мигринтите од една страна, а од друга, ограбување личен имот на граѓаните и пренос на заразни болести.
Кој транзитира или кој излегува?
На безбедносен план, она што ги загрижува аналитичарите е прашањето на контролата врз тоа кој се‘ влегува и транзитира низ Македонија, но и кој останува во неа.
„Можни се различни безбедносни импликации. Се нарушува на суверенитетот на Македонија и се создаваат негативни економски последици заради потребата властите да употребуваат дел од буџетските средства за потребите на мигрантите и за вонредното ангажирање на стручни служби и органи. Иако состојбата е доста сложена, ако државата организирано пристапи не може да се очекуваат катастрофални или последици од повисок ранг. Преку Центарот за управување со кризи, преку полициски и разузнавачки структури, а врз основа на сопствените проценки и меѓународна соработка, пред се‘ со Интерпол, властите може ефикасно да дејствуваат и точно да ги лоцираат оние кои се затскриваат зад бегалците. Внимание треба да посветат на оние кои бараат економски и политички азил во Македонија и кои остануваат одреден период на нашата територија. Ако ова не се преземе, има реална можност меѓу нив да се инфилтрираат разни структури чија цел не е транзит, туку дејствување врз идеолошка основа со определена цел, кое може да предизвика неповолни безбедносни последици“, предупредува Марковски.
Од невладини организации кои помагаат при процесот на транзит на мигрантите, велат дека досега не е регистриран ниту еден кривичен акт сторен од мигрант во Македонија и дека е многу поважно властите да се посветат на прашањето кој излегува од Македонија и заминува на боиштата во Сирија, отколку кон оние кои влегуваат во земјата бегајќи од војната и изгубени домови. Според нивната евиденција, просечниот престој на мигрантите на територијата на Македонија е од 4 до 6 часа и сите сакаат што побрзо да заминат од Македонија, најчесто кон Германија или Шведска.
Според податоците што ги објави Ројтерс, од почетокот на годинава до средината на август во ЕУ влегле 340.000 бегалци, од кои 57 отсто од Сирија, 23 отсто од Авганистан и 7 отсто од Ирак. Во истиот период низ Македонија и Србија поминале речиси 90.000 бегалци, од кои само во август над 23.000.
По најавите дека тој тренд ќе се зголемува, министерот за внатрешни работи Митко Чавков на почетокот на септември ќе биде домаќин на средба, на која за овие проблеми ќе разговара со неговите колеги од Србија, Унгарија и Австрија.