Нова декларација како тест за спорот со Скопје
5 јули 2021Додека СДСМ одбива, а другите партии во македонскиот парламент сѐ уште не се изјаснуваат дали би ја поддржале предлог-резолуцијата иницирана од ВМРО-ДПМНЕ за дефинирање на македонските национални позиции („црвени линии")кои би биле обврзувачки за сегашната и која било идна влада, во Бугарија се појави нова иницијатива. Станува збор за декларација со седум точки кои Македонија треба да ги исполни за Бугарија да ја смени сегашната позиција во однос на македонските евроинтеграциски цели.
Предложената декларација ја обелодени предизборната коалиција „Бугарски патриоти“ составена од десничарските партии ВМРО-БНД, Волја и НФСБ. Како што објави бугарскиот весник „Труд“, „Бугарски патриоти“ ја добиле декларацијата вчера преку електронска пошта, потпишана од истакнати имиња во научната заедница. Во неа биле повикани сите партии што ќе учествуваат на изборите на 11-ти јули јасно да кажат дека нема да отстапат од сегашната позиција на Бугарија во однос на членството на Република Македонија во ЕУ.
Во воведот на декларацијата се истакнува клучната важност што Бугарија ја дава на добрососедските односи со Северна Македонија и стремежите на бугарскиот народ да развие братски односи со граѓаните на соседната земја во заеднички европски контекст. Се посочуваат напорите на Бугарија во нејзините барања да се почитуваат Копенхашките критериумите за сите земји кои сакаат да започнат преговори со ЕУ, но и „загриженоста на широки слоеви од бугарската јавност дека во Северна Македонија сè уште се слуша говорот на омраза, се проповедаат невистини и се нарушуваат правата на луѓе кои имале доблест да ги почитуваат своите бугарски корени".
Иницијаторите ја изразуваат нивната „силна поддршка за Декларацијата на Националното собрание од ноември 2019 година донесена едногласно", а ја поздравуваат позицијата што бугарскиот претседател и привремената влада ја искажале во Брисел во јуни 2021 година.
Седум точки
Оние кои ќе ја потпишат декларацијата се обврзуваат на изјава дека новиот бугарски парламент и владата ќе продолжат во ист дух, почитувајќи ја волјата на бугарскиот народ, бидејќи секое отстапување од тоа би било еднакво на национално предавство. Следат 7 точки од чие исполнување ќе зависи поддршката на Бугарија за почеток на македонските преговори со ЕУ.
„Бугарија мора да добие јасни правни гаранции дека обврските што Република Северна Македонија ги презела или ќе ги преземе ќе бидат испочитувани со добра волја. За таа цел, тие треба да бидат вклучени во рамката за преговори“, се вели во првата точка.
Второ, Северна Македонија дефинитивно да се откаже од секакви малцински претензии кон Бугарија, трето - да исклучи секаква можност за територијални претензии кон Бугарија и пред ООН да потврди дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион Северна Македонија, од кој дел се наоѓа и во границите на Бугарија. Четврто, да активира процес за рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзина територија заради нивната бугарска самосвест. Петто, да ја коригира содржината на македонските наставни програми со цел објективно одразување на заедничка историја и отстранување на образовни содржини што всадуваат омраза кон Бугарија. Шесто - идентификување и отстранување на табли и натписи кои создават омраза кон Бугарија и Бугарите, и последно - Северна Македонија строго да се придржува кон клаузулата утврдена и ратификувана од парламентите на двете земји за официјалниот јазик на Република Северна Македонија, што треба да најде соодветен израз во официјалните документи на ЕУ.
Како што е објавено, во Иницијативниот комитет кој ја предлага декларацијата биле академик Георги Марков, професорите Казимир Попконстантинов, Пламен Павлов, Христо Проданов, Христо Смоленов, Трендафил Митев, доц. д-р Александар Гребенаров и доц. д-р Георги Николов. Дел се историчари, а еден од нив бил и претседател на Државната агенција за Бугарите во странство во периодот од 1998 до 2002 година.
Меѓу берлински процес и соседски ѕид
Точките/условите во оваа декларација се и досега познати ставови. Ново е тоа што се бара нивна реафирмација една недела пред изборите и доаѓа во период кога „патриотските партии“ сѐ почесто искажуваат сомневања дека некои од партиите што имаат шанси за влез во новиот парламент би можеле да отстапат од рамковната национална позиција. Од коалицијата „Бугарски патриоти“ најавуваат дека уште денеска (5-ти јули) јавно ќе ја потпишат декларацијата, за да дадат пример како треба да дејствуваат и другите партии кои се во изборна кампања и трка за 46-тото национално собрание. Засега нема сознанија дали другите партии ќе ја потпишат оваа декларација.
Иницијативата се случува во пресрет на денешниот виртуелен самит на лидерите на шесте западнобалкански држави во рамки на Берлинскиот процес. Форумот кој ќе го отвори германската канцеларка Ангела Меркел, ќе биде проследен со пленарна сесија: „Седум години од почетокот на Берлинскиот процес: зближување на регионот - достигнувања, тековни и идни цели“. Во него ќе учествува и премиерот на бугарската привремена влада, Стефан Јанев.
„Во обраќањето пред лидерите на иницијативата, Јанев ќе потенцира дека европската перспектива продолжува да биде клучен двигател за трансформација на Западен Балкан. Во врска со ова, премиерот Јанев ќе ја нагласи важноста на двата клучни документи потпишани на Самитот во Берлин во Софија минатата година - Декларацијата за градење регионален внатрешен пазар и Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан“, соопшти прес-службата на бугарската влада.
Во 2020 година, токму Бугарија и Северна Македонија беа домаќини на Берлинскиот процес, што беше прв пример кога членка на ЕУ и земја-кандидат претседаваат со иницијативата.