1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мажите го инструментализираат исламот“

Сабрина Пабст/Ж.А.10 јануари 2016

Деликвентите од келнската железничка станица ја имаат прифатено исламско-фундаменталистичката слика за жените, смета германската политичарка од СПД Лале Акѓун. Германското општество не смее да ја прифати ваквата слика.

https://p.dw.com/p/1HaFX
Фотографија: dapd

Дојче веле: Малку е познато за прекршителите кои во текот на новогодишната ноќ во Келн вршеле сексуално мотивирани напади врз поголем број жени. Се вели единствено дека тие потекнуваат од исламски земји. Таму паровите во јавноста често не смеат ни да се држат за раце, да се бакнуваат, жените мора да се покриваат. Какви последици има ваквиот строг кодекс на однесување врз сликата за жените и сексуалноста на младите мажи кои потекнуваат од овие региони?

Лале Акѓун: Нежноста, љубовта или заедничкиот живот се одвоени од сексуалноста. Сексот се смета како нешто лошо и страшно, што во најдобар случај се толерира во бракот заради добивање деца. Затоа, во главите на мажите настанува убедувањето дека сексот е табу. Во Западна Европа тие доживуваат целосна спротивност. Жените во јавноста се држат за рака со партнерот, се облекуваат слободно. За овие мажи ваквите жени се комплетна спротивност на животот кој го проповеда имамот во џамијата, „курви“, објекти на страст и презир.

Спротивставени се два екстрема: чесната жена и сопруга и нечесната жена од улица?

Претставата за жените која ја имаат овие мажи е исклучително поедноставена - постојат само добри и лоши жени. Жените се сфаќаат како заводнички на мажите. Самото толкување на коранот, според кое буквално жената вреди само колку половина маж, го објаснува патријархалниот систем на исламот. Неговите следбеници се‘уште сметаат дека исламот не е религија, туку поглед на живот.

Јас сум муслиманка. Според мене, религијата е нешто приватно, нешто за мојата душа. За фундаменталистите, верата е темел на животот. Тие не успеваат својата вера да ја усогласат со модерниот свет. Нивната религија е поврзана со систем на вредности и животен стил кој е заглавен во времето од седмиот век на Арапскиот Полуостров.

Deutschland Lale Akgün
Лале АкѓунФотографија: picture alliance/dpa/D. Reinhardt

Како може една исламистичко фундаменталистичка претстава за жените да се „всели“ во модерното општество?

Тоа успева во момент кога исламот станува политика. Во 80-те години се затворале очите пред фундаменталистичките струења. Тогаш се мислело дека општеството мора да го поднесе ваквиот развој. Ние го поднесувавме и игнориравме тој развој толку долго, додека не не‘ погоди нас самите. Еден пример е стилизирањето на шамијата како збогатување на мултикултурното општетство. Тоа е бесмислица. И шамијата е знак на потчинувањето на жената. Оној кој ја поттикнува и засилува ваквата претстава за жената, не смее да се чуди кога мажите во истата заедница на жените без шамија ќе гледаат како на „лесни“.

Дали преку верската слобода и толеранција настануваат паралелни светови?

Слободата на вероисповед не е паралелен свет се‘ додека е религијата приватна работа. Но, кога религијата ќе се политизира и со себе ќе повлече политички одлуки, тогаш на тоа не треба да гледаме со насмевка. Во тој момент таа почнува да врши влијание врз нашиот живот. На пример, ако јас како мајка морам да размислувам дали мојата ќерка да учи во одделение во кое наставничката носи шамија. Дали мојата ќерка треба да прифати слика на жената, според која жените треба да се покриваат и кријат пред очите на мажите? Ако човек не стане свесен на овие поврзаности, тогаш младите мажи кои сексуално ги напаѓаат жените се изолиран феномен. Но, тие не се тоа. Тие се дел од целокупниот проблем.

Но, воспитувањето и пренесувањето на системот на вредности во прва линија не се случува преку религијата, туку е работа на родителите. Каква улога игра жената во рамките на муслиманските семејства? Дали таа не може да врши одредени корекции?

Моќта на мажите може да се одржи само преку задржување на системот. А тоа е можно единствено ако се убедат жените дека системот во кој тие живеат е подобар. Тие велат: гледајте како ги експлоатираат европските жени. Тие мора да работат, да добиваат деца и се‘ да работат. Вие можете да си останете дома, да се дотерувате и да му се радувате навечер на својот маж. Значи, нашето германско општество премногу се аранжираше со поделбата на улогите диктирана од конзервативниот ислам. Еден пример: ако на новодојдените мигрантки им се нудат курсеви по германски јазик само за жени, зашто нивните мажи инаку нема да го толерираат нивното учество во курсеви каде има и мажи, тогаш пристапот е погрешен. На овие луѓе треба јасно да им се покаже: ако сакаат да профитираат од социјалниот систем и да живеат убаво овде, мора да ги прифатат општествените норми.

Кој сноси одговорност за овој конзервативен, назаден тренд? Луѓето, медиумите, политиката, религијата?

Ако погледнете каква идеологија застапува Централниот совет на муслиманите, тогаш е јасно дека овие здруженија не можат да бидат носители на интеграција. Освен ако не сакате заострување на актуелните проблеми. На исламот не му се потребни никакви здруженија. Овие здруженија се очајнички обид на политиката да најде партнер за разговор меѓу муслиманите. Ако политиката не направи пресврт и ја продолжи соработката со овие конзервативни исламски здруженија, конзервативниот ислам во следните десетлетија ќе се етаблира во Германија.