Мажите ги тепаат жените за да покажат кој е кој во семејството
25 ноември 2011Според последниот расположлив извештај на Министерството за внатрешни работи, од јануари заклучно со април 2011 година биле евидентирани 147 вакви кривични дела на насилство во семејството, или за една третина повеќе наспрема истиот лански период. Ваквото насилство е најизразено во Скопје, Велес, Битола, Охрид, Штип и Струмица.
„Родово засновано насилство“
„Мажите ги тепаат жените, за да покажат кој е кој во семејството“ – коментира Кристина Хаџивасилева, независен експерт за родови прашања од Скопје и истакнува:
„ Прашањето на семејното насилство е прашање на контрола и моќ. Не станува тука збор за одредени карактерни особини на луѓето, туку за одредени односи во семејството, кои се прашање на тоа кој и како ја чувствува својата позиција и како ја покажува својата моќ. Најголем број од жртвите се жени, а најголем број од насилниците се мажи. Така што, можеби подобро е да се зборува за родово засновано насилство, отколку само општо за семејно насилство. Тоа покажува дека жената во семејството се третира како да е помалку важна, како да е помалку моќна и силна.“
Во тетовскиот и гостиварскиот регион од јануари заклучно со септември годинава биле регистрирани 36 случаи на семејно насилство, што е во извесно опаѓање.
Портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифовски вели:
„ Најчести причини за оваа општествено негативна појава се психичките растројства, алкохолот и другите болести на зависност, како и семејните финансиски тешкотии, односно, беспарицата. Во значителен број случаи е употребена физичка сила и се нанесени телесни повреди, односно, жртвите биле изложени на непосредно физичко и психичко малтретирање, проследено со постојана несигурност, страв и неизвесност тоа да не се повтори. Најмногу од жртвите во овој деветомесечен период биле сопруги, потоа невенчани и вонбрачни сопруги, родители, деца и т.н.“
„Страдаат и децата, родителите, постарите членови на семејството“
Џане Крешова, претседателката на невладината организација „Женски форум“ од Тетово ги изнесува нивните согледувања од животната пракса:
„ Економската состојба, односно безработноста на мажите, кризата на домашниот буџет, предизвикуваат кавги меѓу брачните сопружници, а потоа и до насилство од страна на посилниот – мажот. Во последно време, не страда само жената, туку и другите членови на семејството: децата, постарите, родителите ... Младите поради невработеност и од други причини се судираат со неможноста да дојдат до пари и нив ги бараат од дома, за да купат нешто, за да пијат алкохол, или да набават дрога. Така и од таа страна доаѓа до насилство во таквите семејства.“
Што преземаат Владата и нејзините институции?
Ирена Тодороска, раководителката на Одделот за социјална вклученост на Министерството за труд и социјална политика, вака одговара на тоа прашање:
„ Согласно со усвоената стратегија од страна на Владата во врска со семејното насилство, веќе се утврдени стратегискиот пат и рамката за сеопфатна реакција на системот за спречување на ова општествено зло и тоа во рамки на повеќе ресори, вклучувајќи ги оние за здравство, социјала и здравство, невладините организации и други општествени чинители. Покрај сместување во ’Шелтер центар’, поширок сет дополнителни мерки, како и обезбедување соодветен третман за психосоцијална помош и поддршка, оваа Влада за првпат ги вклучи жените - жртви во активните политики за вработување преку така наречените ’економски програми за реинтеграција’. Во рамки на овие економски програми во оваа 2011 година се вклучени 29 жени, а минатата година 28 жени.
Иницијатива за донесување посебен закон за семејното насилство
Крешова се надоврзува:
„ Шеесетина жени во пет градови во земјата веќе отвориле свои бизниси. Станува збор за еден проект на Организацијата на Обединетите нации, на нашиот ’Женски форум’ и на нашата Влада. Значи, се оди кон тоа ваквите жени - жртви на семејното насилство да бидат на секој начин економски згрижени.“
Благородна Шопова, координаторка на програмата за борба против семејното насилство во Националниот совет за родова рамноправност на Македонија – некогашниот Сојуз на жените на Македонија – критички заклучува:
„ Законската регулатива во одредени делови содржи недоследности и недоречености. Во тој контекст Националниот совет за родова рамноправност покрена иницијатива за донесување посебен закон за семејно насилство, каде што сите тие недоречености би се опфатиле и елиминирале. Постои потреба за подобрување и поголема примена на законската регулатива, со која се санкционира ваквото насилство во Македонија.“
Се’ на се’, колку построги ќе бидат казнените мерки против предизвикувачите на семејното насилство, но и колку ќе биде подобра и самата економска ситуација, толку помалку ќе има и тепани сопруги, старци и деца во семејствата.
Автор: Свето Тоевски
Редактор: Симе Недевски