„Лустрациски“ пресметки
28 септември 2010Одлуката за лустрација на претседателот на Уставниот суд донесена од Комисијата за верификација на фактите го поткопува кредибилитетот на Уставниот суд, а го урива и легитимитетот во однос на сите досегашни одлуки на овој Суд, оцени денеска македонскиот премиер Никола Груевски.
„Тоа што се случува не е добро за земјата, што имаме луѓе кои така постапувале во минатото, а денеска се на клучни позиции и на позиции кои се од клучна важност за државата“, изјави Груевски. Уставниот суд веднаш реагираше со соопштение во кое се наведува дека „лустрацијата на еден уставен судија се користи за напад врз Уставниот суд како институција која што ја штити уставноста и законитоста“.
Според Уставниот суд, Груевски „излегол надвор од своите уставни надлежности бидејќи нема право да го цени легитимитетот на одлуките на Уставниот суд, туку само да обезбеди нивно извршување“. „Искористувањето на еден случај кој е во постапка и треба дополнително да добие законски епилог, за стигматизација на колективно тело, потсетува на настани од минатото што на едно демократско општество не смее да му се повторат“, се наведува во соопштението од Судот.
Вчера, претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски изјави дека има „чист образ“ и дека нема намера да се повлече од функцијата. Ивановски најави жалби до Управниот, како и до Врховниот суд и наведе дека во досието има непотпишани белешки, лаги и измислени лица, како и фабрикувани и фалсификувани изјави.
Автор: ЕМФ/ЖА/миа
Редактор: Жана Ацеска