1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киев посакува оружје од САД

Роман Гончаренко/ сн5 февруари 2015

Иако владата во Вашингтон соопшти дека испораката на оружје за Украина во моментов не е на дневен ред, во Киев и натаму сметаат дека таквата воена помош е неопходна за воспоставување мир во земјата.

https://p.dw.com/p/1EVsb
Фотографија: Getty Images

Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска ( 5.2.2015) несомнено му приредува многу топол пречек на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери. Последните денови американските медиуми јавија дека владата во Вашингтон сериозно размислува за испорака на оружје во Киев. Сепак, советникот за безбедност на претседателот на Обама во интервјуто за „CNN“ рече оти таква одлука ниту е донесена, ниту непосредно претстои. Во моментов на истокот на Украина се водат најжестоките борби од избувнувањето на конфликтот: украинската армија се обидува да ја запре најавената офанзива на руските сепаратисти.

Оружје кое ја придружува дипломатијата

Анатолиј Хризенко би го израдувала испораката на американско оружје: „Таа одлука, додуша, би доцнела неколку месеци“, изјави за ДВ овој украински политичар кој од 2005. до 2007. година беше министер за одбрана. Тој вели дека на неговата земја и’ е потребна помош: „не постои чисто воено, но ни чисто дипломатско решение“. Дипломатијата, вели тој, ќе биде успешна ако ја следи „воено сузбивање на Русија“- „а за тоа на Украина и’ е потребно оружје“.

Слично размислува и Дмитро Тимчук, стручњак за воени прашања и парламетарен пратеник од владејачката коалиција. „Украина официјално се прогласи за жртва на надворешна агресија“, рече тој за ДВ и додаде: „Тоа отвори политички можности да се зголеми воената помош од САД“. Украинскиот парламент на крајот на јануари ја прогласи Русија за „агресор“.

Petro Poroschenko und Barack Obama
Фотографија: Reuters/L. Downing

Стар арсенал

Украина веќе со месеци од Западот бара воена помош .Претседателот Порошенко веќе се обиде да ја договори кога во септември минатата година престојуваше во Вашингтон. Но американскиот претседател Обама одговори одречно и Порошенко се врати дома со празни раце. До денес Вашингтон на Украина и’ испрати т.н. „неубиствено вооружување“, како што се непробојни елеци, лесни оклопни возила или уреди за ноќно набљудување.

Потребата на украинската армија за оружје е секако голема. По распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991. година, Украина, навистина, наследи поголем арсенал. Но голем дел од тој арсенал продаде во странство, а во ново оружје- не инвестираше: денес користи опрема која е произведена во седумдесетите и во осумдесетите години од минатиот век. Од друга страна, Русија во изминатите години постојано ја модернизираше војската. Украинската влада ја обвинува Москва дека ги снабдува проруските сепаратисти во источна Украина со најмодерно оружје. НАТО истотака тврди оти руски тенкови и системи за противавионска одбрана пристигнале во источна Украина. Москва го демантира тоа.

Итна желба: беспилотни летала

Киев се’ уште не објави список на оружје кое би сакал да го добие од САД. Стручњаците како Хризенко зборуваат отворено: „Во прв ред ни се потребни беспилотни летала- не за извидување, туку за извршување прецизни напади“, вели поранешниот министер за одбрана: „тоа би помогнало да се избегнат цивилни жртви“. Според неговите зборови, на украинската армија и’ се потребни опрема за специјални единици и големокалибарски снајперски пушки.

Во декември Украина потпиша договор за испорака на такви пушки со американскиот производител Барет Фајерармс. „Друго имаме“, мислејќи притоа на тенкови и оклопни возила кои се произведуваат во Харков.

И Валентин Бадрак многу би сакал украинската армија да добие американски беспилотни летала. Шефот на киевскиот Центар за воени студии има и други желби: „Потребни ни се мобилни системи за противтенковски наведувани проектили и системи за противавионска одбрана“, рече Бадрак за ДВ.

Separatisten Position bei Debaltseve Ostukraine 29.01.2015
Фотографија: AFP/Getty Images/D. Faget

Провокација за Москва?

Во Германија, веста за можната испорака на американско оружје на Украина не е примена со одобрување. Канцеларката Ангела Меркел е против тоа, исто како и многу експерти, еден од нив е Волфганг Целнер од Институтот за истражување на мирот и безбедносната политика на Универзитетот во Хамбург.

„Тоа е погрешно“, вели Целнер за ДВ, „бидејќи со испораката на оружје на украинската војска постои голема опасност да влеземе во спирала на вооружување и практично да станеме директни учесници во војната“. Тој додава дека таквите испораки добро би дошле и за руската пропаганда. Има и стручњаци кои предупредуваат оти испораките на оружје би биле провокација за Русија која би можела да влезе во голема војна со Украина.

Анатолиј Хризенко не се согласува со тоа мислење. Тој вели дека апелите на Запад, Русија да не провоцира на воен план веќе ја чинеа Украина со Крим и со големи делови на истокот на земјата. Според негово мислење, западните политичари и стручњаци би требало да разберат дека рускиот претседател Путин „не чека на провокација, туку оди толку далеку колку тоа му го дозволуваат украинската војска и светската заедница“. Киевскиот политичар смета дека одлуката на САД за испорака на оружје на Украина „би имала позитивна улога“ и оти поради неа шефот на Кремљ добро би се замислил.