Ламбринидис ќе ги брани човековите права
1 септември 2012Ламбринидис беше најверен соработник на поранешниот социјалистички лидер и премиер Јоргос Папандреу, чиј завршеток на кариерата не значи крај и за него: Папандреу самиот го назначи за амбасадор и му ги пренесе во надлежност пред повеќе години односите со јавноста на грчките социјалисти во странство. За возврат, Ставрос Ламбринидис повремено мораше да преземе и неблагодарни задачи, како во 2010. година, кога како тогашен заменик-претседател на Европскиот парламент во Брисел или во Стразбур постојано мораше да излегува пред камерите и да го објаснува финансиско-политичкиот цик-цак курс на својот голем поддржувач.
Апсолвент на Јејл и вреден како мравка
Правникот школуван на Јејл најчесто се претставуваше во добра светлина, зборувајќи на течен англиски јазик. Ламбринидис спаѓа во не толку бројната катергорија грчки политичари кои Европа не ја гледаат како пауза во кариерата, туку како поле за докажување. „Овде работиме како мравки“, изјави тој своевремено за Дојче веле. Поконкретно: „Кога некој португалски колега сака да ми обрне внимание на проблемите на рибарите на Сардинија, морам да го сослушам, иако за мене темата во тој момент е споредна. Зашто, само оној кој покажува залагање и интерес за проблемите на другите, наидува на таков прием кога ги изнесува своите проблеми“, истакна Ламбринидис.
За правата на бегалците и блогерите
Новиот европски ополномоштеник за човекови права се чини е тимски човек. Тој во Брисел одржувал исклучително добри контакти со тогашниот претседател на европските социјалисти Мартин Шулц. Во неговиот тримесечен мандат како министер за надворешни работи во времето на премиерот Папандреу во летото 2011. година Ламбринидис немаше време за ставање сопствени акценти, за неговата политичка агенда не се знае многу.
Но, познати се негови бројни настапи: како европратеник од редовите на грчките социјалисти Ламбринидис постојано ја критикуваше европската политика кон бегалците и барателите на азил и се залагаше за реформа на т.н. Даблински правилник, според кој бегалците и барателите на азил според посебен клуч се распоредуваат низ сите членки на ЕУ. Освен тоа, Ламбринидис се залага и за нова регулатива на правата, но и на обврските на корисниците на интернет. Како прв грчки европратеник тој во есента 2008. година покани 50 блогери од Грција во Брисел за да разговара со нив за слободата на интернет, но и за правилата, на пример почитувањето на авторските права.