1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров: Русија нема да тргува со своите интереси на Косово

3 септември 2007

ЕУ претставникот во Тројката за Косово, Волфганг Ишингер денеска е повторно во Белград. Ќе договара како да се оди понатаму во пронаоѓањето решение за Косово. Ќе попушти ли Москва пред притисокот од САД по ова прашање?

https://p.dw.com/p/Bavg
Сергеј ЛавровФотографија: AP

Деталите околу тоа како ќе продолжат преговорите за Косово, денеска во Белград ќе ги договара ЕУ претставникот на посредничката Тројка Волфганг Ишингер. По дводневна посета на српскиот главен град, Ишингер лета на консултации во Брисел. Косово ќе биде тема на следниот неформален состанок на шефовите на европските дипломатии во португалскиот град Вијана Ду Кастело, закажан за 7 и 8 септември. Според европски дипломатски извори, министрите на средбата - од која не произлегуваат заклучоци и одлуки - треба да изнесат идеи: каде би требало да води целиот процес околу Косово и кој би бил можниот исход и решение за статусот на покраината. Главна цел е да се види, како ЕУ да заземе единствен став ако двете страни не дојдат до компромисно решение. Компромис за Косово се уште нема и меѓу Вашингтон и Москва. Нема промена на тврдокорно спротивставените ставови. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Русија не и е противник на САД , но дека нема да тргува со своите интереси кога станува збор за решавање на косовскиот проблем.

“Нашите партнери треба да сфатат дека ние не тргуваме без оглед на политиката на неконфронтација. За Русија постои таканаречена црвена линија преку која не може да се помине кога се создава реална опасност за националната безбедност и за светскиот поредок”, рече Лавров обраќајќи им се на студентите на Московскиот државен институт за меѓународни односи.

Лаверов појасни дека таа “црвена линија” се однесува на ситуацијата околу распоредувањето на американскиот против- ракетен штит во Европа, косовското прашање, ширењето на северно атлантската алијанса и договорот за намалување на конвенционалното вооружување во Европа.

“Русија е против еднострани или блоковски решенија во решавањето на безбедносните проблеми”, рече рускиот министер.

Тој ја истакна неопходноста од “нови облици на колективна соработка” меѓу земјите. Укажа на перспективноста на соработката во рамките на Тројката, Русија, ЕУ и САД, која сега бара решение за косовскиот проблем.

“Тројката би можела да го насочи секој брод. Тројниот концерн е едноставна формула за взаемна поддршка. На светот му е потребен баланс, ” изјави Лавров.

Сепак појасни дека меѓу Русија и САД нема системски противречности и дека не може да се зборува за враќање на “студената војна”.