1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Критика за германската политика во кризата околу Украина

Матијас фон Хајн
2 февруари 2022

Каква е позицијата на Берлин во конфликтот со Русија? Кризата околу Украина би можела значително да го наруши угледот на германската влада во светот. Германија е цел на критики, со Германија јавно се подбиваат.

https://p.dw.com/p/46PUg
Украински војник покрај тенк во близина на линијата на фронтот во Луганската област на истокот од Украина
Украински војник покрај тенк во близина на линијата на фронтот во Луганската област на истокот од УкраинаФотографија: Vadim Ghirda/dpa/AP/picture alliance

Кај-Ахим Шенбах до пред неколку дена беше прв човек во Германската морнарица. Неодамна во службена униформа настапи во дискусијата на еден индиски тинк-тенк и пред камери го откри своето лично мислење за конфликтот меѓу Русија и Украина. Шенбах зборуваше за почитувањето и за рамноправниот однос кои Путин ги сака и „кои веројатно ги заслужил“, зборуваше за тоа дека Крим, кој го анектираше Русија, очигледно е трајно загубен, а влегувањето на руските трупи на украинската државна територија го нарече „бесмислица“.

Овие изјави предизвикаа бран критики, oсобено во Украина. Киев веднаш ги повика на консултации германските службеници во амбасадата во оваа земја. Вице-адмиралот Шенбах во рок од 24 часа остана без работа. Но, она што е поважно - кај многу германски сојузници овие изјави ги засилија сомнежите околу тоа дали го дели мислењето на Шенбах и еден значителен дел од политичката и воената елита во Германија.

Што (не) сака Германија?

Додуша, долгогодишниот безбедносен и надворешнополитички советник на поранешната канцеларка Ангела Меркел, Кристоф Хојсген, во интервју за ДВ рече дека брзиот отказ на шефот на Германската морнарица е доказ за единствен став во германската влада. Но, особено во САД и во некои источноевропски држави е нарушена сликата за Германија како сигурен сојузник. Следеа бран критики упатени во насока на Берлин, а повремено имаше и подбивања на сметка на Сојузната Република.

Вице-адмиралот Кај-Ахим Пенбах си замина, сомнежите во Германија останаа
Вице-адмиралот Кај-Ахим Пенбах си замина, сомнежите во Германија останааФотографија: Bernd Wüstneck/ZB/dpa/picture alliance

Особено поради одлуката на сојузната влада Германија, по инсистирањето на Киев и останатите сојузници за испорака на оружје во Украина, да испорача 5.000 заштитни воени шлемови. Низ светот тие денови се прошири и една фотографија на која се гледа рутата по која летале британските авиони кои транспортирале оружје во Украина и јасно се гледа дека тие го заобиколиле (или морале да го заобиколат) германскиот воздушен простор.

Ситуацијата на истокот на Европа е прва голема надворешно политичка за новата „семафор-коалиција“ и на сојузната влада ѝ се заканува значителна загуба на репутацијата. Пиотр Бурас, шеф на варшавската канцеларија на тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи, зборува за „зачуденост“ од хаотичната комуникација во Берлин. „Сојузната влада многу долго не зборуваше едногласно. Се слушаа многу мислења, но не се гледаше јасна слика.“ А, резултатот од тоа се текстовите кои се објавени во последните денови во бројни светски весници, од Њујорк тајмс, па сѐ до Декан Гералд од јужноиндискиот Бангалор, кои сите го поставуваат истото прашање: „Која е позицијата на Германија во конфликтот околу Украина?“.

Против оружје за Украина, за гас од Русија?

Од една страна Шпанија испраќа една своја фрегата во Црното море, Данска префрлува борбени авиони во Литванија, а една фрегата на источен Балтик, САД ги става своите војници во состојба на подготвеност - а, од друга страна, Германија одбива да испрати оружје во Украина.

Особено негативно во меѓународен контекст е регистриран еден конкретен случај - Германија одби да им даде дозвола на Естонците девет од своите хаубици да ги „проследат“ во Украина. Оружјето потекнува уште од наследството од ГДР и со договор е прецизирано дека Берлин има право да соодлучува што ќе се случи со него. Германија оваа одлука ја оправда со традиционално воздржаната политика за вооружување на земјите во кризни подрачја.

Украински војници вежбаат со американско оружје. Од Германија им пристигнаа 5000 шлемови
Украински војници вежбаат со американско оружје - од Германија им пристигнаа 5000 шлемовиФотографија: Ukrainian Defense Ministry Press Service/AP Photo/picture alliance

Александер Граф Ламбсдорф, потпретседател на Клубот на претставници на партијата ФДП во Бундестагот, за ДВ открива оти постои уште една причина. „Сега имаме ситуација во која украинските воени сили се послаби од руските, се работи за разлика која ни со испорака на оружје никогаш нема да може да се надомести.“

Критички се анализираат и економските интереси на Германија, особено зависноста од руските испораки на енергенси. Од вкупното количество нафта која ја увезува Германија, од Русија пристигнуваат над 40 отсто, а земен гас 56 насто. А, количеството руски гас би можело дополнително да се зголеми и благодарејќи на гасоводот Северен тек 2, чија изградба е завршена минатото лето и кој сѐ уште не е пуштен во погон.

Особено во САД веќе подолго време овој гасовод на многумина им е трн во око. Во контекст на стационирањето на руските сили на украинската граница на американските ТВ-програми интензивно се дискутира за гасоводот и сигурноста на Германија како партнер. На крајот и германската амбасадорка во Вашингтон, Емили Хабер, очиглено мораше преку Твитер да гарантира дека и Северен тек 2 во случај на воен конфликт е - на диспозиција.

Па, сепак поранешниот чешки министер за надворешни работи, Карл фон Шварценберг и некогашниот претстедател на Одборот за надворешни работи во Европскиот парламент, Елмар Брок, на почетокот на неделата се пожалија во отворено писмо. „Се создава впечаток дека Германија не учествува активно во развојот на јасна западна политика, туку повеќе да размислува за своите економски интереси“.

Украинските резервисти се подготвуваат за евентуална руска инвазија

(Не)единствена позиција

Јавноста гледа неколку „јазови“ во германската политика. Пред сè, кога станува збор за партнерите во новата владина коалиција во Берлин: Зелените и либералите се за поостра германска политика кон Русија. СПД, пак, ја нагласува потребата од продолжување на „попуштањето“ и „дијалогот“ во односите, но социјалдемократите нагласуваат дека случајот со руската инвазија на Украина, на маса остануваат сите опции за воведување санкции, со цел одлучна реакција на овој (можен) руски потег.

СПД продолжува да се противи на испраќањето оружје во Украина - делумно за да не се загрози германската позиција на посредник во конфликтот.

Што се однесува до испораката на оружје во Украина, мнозинството германски граѓани ја поддржуваат актуелната политика на владата. Според истражувањето спроведено од Институтот за јавно мислење ЈуГов, 59% од граѓаните го поддржуваат ставот на владината коалиција да не им се испорачува оружје на Украинците. Само еден од пет испитаници поддржал испорака на оружје. Во однос на економската и хуманитарната помош, Германија останува меѓу земјите кои најмногу ѝ помагаат на Украина.

Директната врска на Ангела Меркел

Има уште една причина за критика - по заминувањето на Ангела Меркел во европската политика кон Русија настана голема празнина, која канцеларот Олаф Шолц очигледно засега не успева да ја пополни. Британскиот весник „Економист“ се жали дека каналите за комуникација меѓу Берлин и Москва, кои претходно беа масовно користени, во голема мерка замолкнале по промената на власта во Берлин на почетокот на декември.

Колку бил интензивен контактот потврди и Хорст Телчик за ДВ. Поранешниот најблизок соработник на канцеларот Хелмут Кол бил сведок на бројни преговори со Москва по прашањето на обединувањето на Германија. За ДВ, сѐ уште многу добро вмрежениот политички ветеран вели: „Предноста на Ангела Меркел беше што можеше да му се јави на Путин во секое време и да започне разговор“.  А тоа Меркел, како што пишува „Економист“, го правела во последните месеци од нејзиниот мандат. Според весникот, Олаф Шолц, и покрај експлозивната ситуација, досега имал само еден телефонски разговор со Кремљ. Тој бил на крајот на декември.