Криза во Венецуела
17 април 2013Социјалистичката влада во Венецуела ја обвинува опозицијата за обид за пуч. Со оглед на насилните протести по претседателските избори во неделата (14.04), Николас Мадуро, чија победа се оспорува од страна на противниците на власта, оцени дека станува збор за „фашистички хорди“ кои се одговорни за крвавите судири.
Предизвикувачот на Мадуро на изборите, Енбрике Каприлес, наспроти тоа, ја обвини власта дека провоцирала насилство за да спречи пребројување на гласовите. Тој го нарече Мадуро „нелегитимен“ претседател на државата.
Во безредијата загинаа најмалку седум луѓе, а повредени се повеќе од 60. Меѓу загинатите има и еден полицаец, соопшти главната обвинителка Луиза Ортега.
Откако Владата го забрани протестниот марш што требаше да се одржи денеска (17.04), опозицијата го откажа собирот. „Владата сака да има мртви“, рече Каприлес како образложение на одлуката. Тој стравува дека властите сакаат да пуштат провокатори меѓу демонстрантите.
Претходно, Мадуро ги забрани демонстрациите со зборовите: „Не дозволуваме да леат крв по улиците на Каракас. Ако сакаат да ме соборат, јас сум тука, со народот на улиците.“ Тој ги повика своите приврзаници да излезат на улица во знак на поддршка на Владата. Мадуро треба да положи заклетва на функцијата во петок (19.04).