180112 Griechenland Armut
20 јануари 2012Еден видлив симптом на сиромаштијата е зголемувањето на бројот на бездомници. Податоците на грчките невладини организации, кои не се официјално потврдени говорат дека од 2009-та година наваму овој број пораснал за 25 проценти. Земеникот- министер за здравство Маркос Боларис е свесен за растечкиот проблем.
„Во последниот месец нашата листа ја проширивме со уште една категорија-нови бездомници. Тоа се граѓани кои останале без работа, кои не можеле да ги платат своите долгови и кои поради тоа завршиле на улица. Тоа е новиот профил на грчкото општество“, вели Боларис.
Хотели како привремени сместувалишта
Тоа се луѓе сместени на споредните улици, она што го поседуваат го „влечат“ со себе во колички од супермаркетите, спијат во влезовите во зградите и отворите за вентилација. Православниот свештеник, отец Игнациј раководи со едно згрижувалиште за бездомници во јужниот дел на Атина.
„Повеќе немаме слободно место, а проблемот и натаму расте. Потребата е огромна а помошта е многу мала. А со оглед како државата се грижи за тоа, ќе биде се’ полошо“.
А најголем дел од она што државата во моментов го прави е во насока на исполнување на барањата на т.н „Тројка“- меѓународни кредитори. Таа најмногу работи на тоа бидејќи нема друга алтернатива со оглед дека Грција има огромни долгови, прегломазен јавен сектор и непродуктивна економија. Колку подолго кризата ќе трае, толку поголема ќе станува сиромаштијата.
„ Размислуваме за тоа хотелската бранша да ни ги отстапи хотелите кои и онака поради кризата не работат со полн капацитет. Тие би можеле да послужат како поволно сместување за бездомниците“, вели Маркос Боларис.
Отец Игнациј пак вели:
„Сега овде имаме многу жени и деца. Тоа е новина. Една самохрана мајка , која ја напуштил мажот сега живее тука во нашето згрижувалиште за бездомници“.
Кога ќе дојде крајот на кризата, не знае никој
А Грција мора уште да штеди. Претстојат нови масовни отпуштања од работа. Стапката на невработеност официјално изнесува 18 проценти со тенденција да расте. Заменикот- министер за здравство Маркос Боларис е оптимис по „службена должност“.
„Бездомништвото е преоден проблем, како впрочем и целата криза, која сега е во зенитот и затоа сите мораме да вложиме напори за надминување на проблемите“.
Колку долго ќе трае тој преоден период и каде конечно ќе води, не знае никој. Во моментов една петина од околу 11 милиони Грци е веќе осиромашена или пак и‘ се заканува сиромаштија.
Автор: Рајнхард Баумгартен/ Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска