„Кризата почнува да боли“
18 март 2009Во писмото до шефовите на држави и влади на ЕУ во очи пролетниот самит, чешкиот премиер и претседавач со ЕУ, Мирек Тополанек истакна дека станува збор за најтешката рецесија во последните децении. Претседателот на Комисијата на ЕУ, Жозе Мануел Баросо, исто така ја опишува ситуацијата како тешка, но: „Кризата во меѓувреме го погодува речиси секое домаќинство. Влијанието врз пазарот на трудот, приватните кредити и животниот стандард веќе се чувствува. Кризата почнува да боли. Но, ние преземаме мерки, за да помогнеме и повторно да ја воспоставиме довербата.“
Владите на земјите членки и комисијата укажуваат притоа не само на заедничките напори за санација на банките туку и на националните конјунктурни програми, усвоени на последниот самит на крајот на минатата година. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнамер, во понеделникот во Брисел изјави: „Ние учествуваме со над три проценти од бруто општествениот производ во конјунктурните импулси, што се веќе донесени од страна на земјите членки. Тоа ги надминува европските цели од минатиот декември. Се’ уште, не сме согласни околу конјуктурниот пакет, што беше поднесен од страна на комисијата.“
Да се расчистат дилемите
Со оваа изјава германскиот министер ја допре најболната точка на самитот. Покрај националните програми и комисијата предложи европска програма, финансирана од буџетот на ЕУ. Со неа таа сака да вложи во проекти од енергетскиот сектор, животната средина како и во телекомуникациски проекти. Но, во споредба со националните мерки, кои имаат вредност од повеќе стотици милијарди, петте милијарди евра на комисијата се чинат малку. Сепак голем број влади имаат забелешки како на финансирањето, така и на листата на проекти. На самитот треба да се расчистат дилемите.
Германскиот министер Штајнамаер смета дека ЕУ е на добар пат, што се однесува и до глобалното усогласување на светскиот финансиски самит на почетокот на април во Лондон. Но, ЕУ во моментов отфрла дополнителни конјунктурни програми, на кои повикува американскиот претседател Барак Обама.