1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе го пречека денеска Хан: Груевски или Димитриев?

Катерина Блажевска15 јануари 2016

Според Договорот од Пржино, денеска е последниот рок во кој Собранието треба да избере нова влада и нов премиер. До утринава немаше најава за таква седница.

https://p.dw.com/p/1He2N
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Има условна премиерска оставка на Груевски, има кандидат за нов премиер - Емил Димитриев, но нема нова влада. Ова е епилогот по вчерашното обраќање на премиерот Груевски, во кое тој најави дека утрово „до претседателот на Собранието ќе испрати писмо со оставка на функцијата претседател на Владата, која ќе биде ефективна 100 дена пред официјалниот датум на избори“. Зошто Груевски се реши за ваква формулација? Во партиски кругови сметаат дека тоа е обид на Груевски да се заштити од непожелна разврска - тој да поднесе оставка, а изборите од разни причини бидат одложени.

„Сега тој купува гаранции. Пред доаѓањето на комесарот Хан најавува оставка за формално да ја исполни обврската, иако реално доцни, а таа ќе се ефектуира само ако на денешните разговори добие гаранции дека ќе има избори на 24 април. Затоа и не ја врзува со конкретен датум“, велат партиски извори.

Стојан Андов, претседател на првото повеќепартиско Собрание, смета дека рокот за оставка на Груевски е пробиен.

„Груевски вели дека ќе се повлече сто дена пред избори. Законот вели дека сто дена пред избори треба да се избере нова влада. Од денеска, течат тие сто дена, а нова влада не е избрана. Со тоа, Груевски остави простор да се поместат изборите договорени за 24 април“, смета Андов.

Според Договорот од Пржино, на 15 јануари треба да се инаугурира нова влада, чија програма ќе биде ограничена на организација на изборите. Вчера не беше најавена седница на Собранието на која денес треба да се избере нова влада и нов премиер. Ако таква седница не се одржи во текот на денот, еврокомесарот Хан во Скопје ќе биде дочекан од „стариот“ премиер, а ќе биде пробиен уште еден рок од Договорот од Пржино.

„Де јуре и де факто, Груевски е се уште премиер“, вели аналитичарот Арсим Зеколи.

„Најавата за депонирање оставка сто дена пред изборите, значи дека оставката е на стенд-бај, зависно од датумот кога ќе се одржат изборите. Тоа може да биде и во договорениот термин - 24 април. Но, ако тие се одложат за јуни или септември, тоа значи дека и оставката се одложува за периодот пред нивното одржување. Оваа навидум мала 'техникалија', упатува на заклучок дека финалната одлука се уште не е донесена и дека се очекува доаѓањето на Хан“, констатира Зеколи.

Реформи или избори?

Комесарот Хан, еден ден пред доаѓањето во Скопје, испрати порака во која соопшти што очекува од лидерската четворка.

„Петнаесетти јануари е клучниот рок на политичкиот договор чија имплементација е важна за Владата и за граѓаните на земјата. Очекувам дека останатите елементи од политичкиот договор ќе бидат решени пред или за време на мојата посета, овозможувајќи и им на изборните власти да организираат веродостојни избори според договорената временска рамка“, порача Хан.

Работната група составена од претставници на четирите партии вчера ги продолжи преговорите за медиумите, за методологијата nа водење и ажурирање на Избирачкиот список и за спроведување на теренски проверки.

„Средбите на работната група ќе се одржуваат се додека не се постигне договор за наведените теми“, соопшти посредникот во преговорите, Питер Ванхауте.

Но, илузорно е да се очекува дека до крајот на денешната посета на еврокомесарот, ќе бидат договорени сите заостани обврски кои не беа реализирани во изминатите пет месеци. Особено, ако се има предвид дека не е ни започнато спроведувањето на Итните реформски приоритети препорачани од Европската Комисија, на што се обврзаа македонските политички лидери. Ваквиот ноторен факт уште повеќе ја зголемува неизвесноста за тоа кој аргумент ќе натежне на вагата - темелни реформи или брзи избори?

Mazedonien Skopje Peter van Houte
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Вчера повеќе од 70 граѓански организации испратија писмо до еврокомесарот Хан, до Делегацијата на ЕУ и амбасадата на САД, во кое укажаа дека во овој момент не се исполнети клучните услови за одржување фер избори, и побараа тие да бидат одложени сè додека не се исполнет суштинските елементи од Договорот. Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование, потенцира дека прочистувањето на избирачкиот список не е започнато и дека нема договор за реформи во медиумите.

„Сите постапки бараат период од најмалку еден до два месеци за институционална подготовка, а за прочистување на избирачкиот список потребни се три-четири месеци. Ако овој процес не заврши пред почетокот на избората кампања, тогаш одржувањето на изборите станува исклучително ризично и отвора простор за сериозно продлабочување на политичката криза, од што граѓаните и државата ќе имаат огромна штета“, вели Маричиќ.

Познати итроштини

Во овој момент Македонија има само условна премиерска оставка и многу неизвесности, чие решавање зависи од многу фактори.

„И покрај видната усилба за пренесување оптимизам и верба кај граѓаните, кај Груевски се насетува очигледната нелагода од новата ситуација, која не е целосно предвидлива“, смета Зеколи.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Неговото обраќање повеќе наликуваше на почеток на предизборна кампања, исполнето со ветувања и убедувања кон гласачкото тело дека оставката е само исполнување на 'законска обврска'. Колку и да е оваа најава за оставка очекувана, колку и да наликува на сите досегашни одлуки донесени со вештачки исценирана драматичност, таа сепак го принудува Груевски да биде изложен и зависен од плановите на други фактори, наместо да биде апсолутен господар на ситуацијата кој не остава ништо на случајот. Од формален аспект, Груевски го одржа зборот во смисла на техничко исполнување на добар дел од договореното во Пржино. Но, на сметка на обесмислување на суштината и умртвување на духот на Пржино, идентично како што тоа во содејство со Ахмети го направи со Рамковниот Договор. Условувањето на оставката со цементиран датум за избори е илустрација на таа итроштина, која сосема можно, може да му обезбеди не само победа на изборите, туку и морална амнестија од обелоденетите скандали. Затоа, обраќањето на Груевски и сето она што му претходеше, не принудува да се потсетиме на еврејската клетва: 'да внимаваме што посакуваме, бидејќи може да ни се исполни'“, предупредува Зеколи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема