1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој се’ го криел Адолф Ајхман?

18 април 2011

Во Берлин деновиве беше отворена изложба по повод 50 годишнината од судскиот процес против Адолф Ајхман. Тој во корен го промени погледот на светот, а пред се’ на германската јавност кон нацистичките злосторства.

https://p.dw.com/p/10u0U
Фотографија од процесот против Адолф Ајхман во Израел во 1961 година
Фотографија од процесот против Адолф Ајхман во Израел во 1961 годинаФотографија: Picture-Alliance/dpa

Името на Адолф Ајхман е најтесно поврзано со холокаустот. Од неговото биро тој ја организираше систематската депортација и уништување на европските Евреи во времето на националсоцијализмот. По Втората светска војна тој со семејството долго време непречено живееше во Аргентина. Но, израелската тајна служба Мосад го пронајде и во 1960 го донесе во Израел беше изведен пред суд. Пред 50 години на 11 април 1961 година започна судскиот процес против Адолф Ајхман, кој траеше осум месеци. Пресудата за шефот на т.н. Одделение за Евреите, на државната тајна полиција - Гестапо, беше јасна:

„Виновен за смртта на милиони Евреи во логорите на смртта, групите за интервенција, логорите за принудна работа, масовните депортации. Виновен за создавање услови за живот, во кои физички се уништени милиони Евреи. Виновен поради големите физички и психички страдања на милиони Евреи.“ Пресудата нормално е многу подолга и може да се прочита на изложбата во Берлин. Напишана е се разбира со правнички јазик. Дотолку повеќе се вознемирувачки изјавите на Ајхман и на сведоците, кои можат да се чујат и видат на изложбата.

Транспортер на смртта

Андреас Нахама, директор на Фондацијата „Топографија на теророт“, Адолф Ајман го опишува како „транспортер на смртта“. Наспроти тоа, на судењето пред 50 години, Ајхман себе си се опишуваше како „извршител на наредби“.

На изложбата во Берлин може да се види како полските весници известувале за процесот против Ајхман
На изложбата во Берлин може да се види како полските весници известувале за процесот против АјхманФотографија: DW

„Жалам и го осудувам уништувањето на Евреите кое го наредија некогашните германски власти. Јас лично не можев да ја прескокнам сопствената сенка. Бев само средство во рацете на повисоки власти и на необјаснива судбина.“

На изложбата можат да се погледаат и сведоштвата на многу луѓе за нивните средби со Ајхман. Еден од нив е Хајнрих Грубер, кој во Берлин бил дел од групата протестанти, кои ги бранеле Евреите. Тој Ајхман го опишува како санта мраз од која се одбивало се’:

„Ние тоа тогаш го нарекувавме тип на платеник. Постои разлика меѓу војник и платеник. Платеник е оној кој со облекувањето на униформата ја губи свеста и совеста. Таков впечаток немав само јас, туку и моите соработници и пријатели.“

Габриел Бах за време на судењето на Ајхман бил заменик-обвинител. Денес има 84 години и поради изложбата допатува во Берлин и донесе стари црно-бели фотографии снимени во судницата за време на процесот:

„Никогаш нема да го заборавам почетокот на судењето, кога во судницата влезе судијата зад кого се наоѓаше израелски грб. Човекот чија желба барем во последните години беше да го уништи овој народ, стана и стоеше мирно пред израелскиот суд. Во тој момент значењето на израелската држава ми беше појасно од кога и да е порано, појасно од секоја парада, демонстрација или новинарски текст“.

Мултимедијалната изложба нуди и ТВ- снимки од процесот
Мултимедијалната изложба нуди и ТВ- снимки од процесотФотографија: DW

Судењето на Ајхман го разбуди интересот за истрага на злосторствата

Ајхман се појави пред израелски суд само затоа што во Аргентина го уапси израелската тајна служба Мосад и го однесе во Израел. Тоа доведе до дипломатски компликации со Сојузна Република Германија. Судењето на Ајхман пред 50 години означи пресврт во соочувањето со нацистичките злосторства, како на национален така и на меѓународен план. Дури со судењето на Ајхман се разбуди интересот кај германската јавност за истрага на нацистичките злосторства. Подоцна се дозна дека германската разузнувачка служба и властите имале информации за движењето и местото на престој на Ајхман во Аргентина уште во почетокот на педесетите години.

Организаторите на изложбата во Берлин сакаат да стекнат увид и во тајните документи на тајната служба БНД, но таа тоа не им го овозможи, без оглед на фактот што Сојузниот управен суд во Лајпциг на почетокот на 2010 ваквата тајновитост ја прогласи за незаконска. Дури ни кабинетот на канцеларката не сакал да изврши политички притисок за да се објават овие документи. Историчарот Норберт Кнопе нема разбирање за ваквиот став:

„Тоа малку ме шокиераше, бидејќи фрла лошо светло врз канцеларскиот кабинет. Неразбирлив ми е фактот дека се превзема и поддржува стратегијата на тајната служба. Имаше и други критични случаи, па за истражувачки цели сепак се допушташе увид во документите. Не знам зошто токму случајот со Ајхман поинаку се третира“.

Adolf Eichmann in Argentinien lebend
Ајхман облечен како гаучо за време на животот во АргентинаФотографија: picture-alliance/akg-images/IMS

Многу прашања без одговор

Фактот дека толку долг период никој не покажал интерес за злоделата на Ајхман, судското гонење и улогата на БНД, воопшто не го изненадува еден друг историчар: Моше Цимерман, кој заедно со други автори, веќе работел на нацистичката историја на германското министерство за надворешни работи:

„Одлучувачки е фактот дека во почетокот на педесетите години Ајхман не претставувал некој кој имал важност каква што има денес. Тоа значи дека историската свест морала со време да се развие на начин, на кој ќе се овозможи објавување на тие информации.“

Сигурно е дека на многу прашања за судењето на Ајхман се’ уште не се најдени одговори. Токму затоа во рамките на изложбата во Берлин, која трае до средината на септември, ќе се организира меѓународна конференција. На неа ќе се расправа за влијанијата, трендовите и предизвиците на судењето на Ајхман. Тогаш ќе се разговара и за сомнителната улога на БНД и на германската политика.

Автор: Марсел Фирстенау/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски