1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој и се заканува на Македонија?

Катерина Блажевска9 јуни 2015

Еден месец по полициската пресметка со терористичка група во Куманово, се уште нема одговор кои беа мотивите за инцидентот во северниот македонски град, а МВР веќе добива нови сознанија за можни одмазнички акции

https://p.dw.com/p/1Fe38
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Кој и се заканува на Македонија? Ова е прашањето на кое јавноста во Македонија бара одговор, по информациите дека безбедноста во земјата е подигната на повисоко ниво, откако Министерството за внатрешни работи добило оперативни информации дека терористички групи поврзани со кумановската подготвуваат акции за одмазда за полициската акција во Куманово.

Инструктивна телеграма со мерки за превенција веднаш е испратена до раководните лица во полицијата, потврдува Иво Котевски, помошник-министерот за односи со јавноста во МВР .

„Според оперативните информации, покрај одмазнички акции можни се и обиди за грабнувања лица од институции, со цел тие да бидат разменети за терористите кои се во притвор. Нивото на безбедност е зајакнато, МВР ја следи состојбата и ги презема сите мерки за превенција на какви било ризици и закани“, вели Котевски.
Последните сознанија од истрагата покажале дека кумановската група била инволвирана и во нападот во Гошинце, а според податоците добиени од пријателски служби, 21 од членовите на таа група биле барани во шест различни земји за дури 104 различни кривични дела, меѓу кои и за убиства, киднапирања, насилство и разбојништво.
Припадниците на терористичката група во Куманово убија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа повредени 37.

Еден месец по Куманово

Безбедносните експерти потсетуваат дека до денес не е јасно што всушност се случи точно пред еден месец, на 9-ти мај во Куманово, иако премиерот во неговото обраќање неколку дена подоцна, недвосмислено порача дека за кратко време јавноста ќе биде запознаена за сите детали за настанот. Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање, вели дека овој вакуум-период и недостигот од информации за она што се случи во Куманово, во јавноста остави простор за повеќе верзии кои тежнеат кон сомнежот дека се работело за договорен настан, со цел да се одвлече вниманието од содржината на „бомбите“ кои ги објавува опозицијата, а кои укажуваат на мега-скандали и незаконски дејства во политичкиот врв.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Запленето оружје од вооружените лица во КумановоФотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

„Во изминатиов месец, пред се, косовските и српските гласила објавија информации дека неколку недели пред да се случи овој настан ги информирале нашите власти за подготовките и целите на оваа групација. Предвременото одржување на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ на 2 мај во Куманово, а кој беше претходно закажан за 9-ти мај, токму кога таму почнаа вооружените дејствија, начинот на дејствување на уфрлената група кој е спротивен на сите тактики и техники на дејствување на една терористичка групација (немање поддршка од месното население, немање поддршка од меѓународната заедница, дејствување во урбана средина без можност за повлекување), како и барањата на претставниците на ЕУ за брзо расчистување на кумановскиот случај, се насочени кон поддршка на верзијата за договорен настан кој избегал од контрола на режисерите“, вели Пивоваров.

Од друга страна, под претпоставка дека во Куманово се случил терористички напад, според него, треба да се има предвид тактиката на дејствување на УЧК за време на воените дејствија 1999 год во Косово и во 2001 година во Куманово.

„Таа тактика укажуваше на тоа дека по претрпени губитоци, тие веднаш возвраќаа со напад на безбедносните служби. Меѓутоа, со оглед дека во изминатот месец немаше нови информации за настанот, а имајќи го предвид последното соопштение за можен напад на институции и киднапирање на државни претставници со цел нивна размена за притворените лица, заканата може да биде реална, но и да е само продолжение од агендата за внесување на страв кај населението или за праќање сигнал на притисок пред утрешната лидерска средба во Брисел со еврокомесарот Хан. Впрочем, Хан беше и првиот кој побара македонските власти што побргу да го расчистат кумановскиот случај, по што од негова страна уследи молк“, заклучува Пивоваров.

Mazedonien Kosovo Begräbnis von acht Militanten in Prishtina die in Kumanovo gestorben sind
Погребот на загинатите напаѓачи во ПриштинаФотографија: Reuters/H. Reka

Тројца одговорни за бегството

Засега е утврдена само одговорноста за бегството на еден од уапсените членови на групата, Сулејман Османи, кој на 10 мај и се предал на плицијата, а подоцна успеа да избега во присуство на 25 полицајци, иако бил врзан со лицици. По едномесечна истрага, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, утврдил дека тројца полицајци кои биле задолжени за чување и обезбедување на приведениот терорист по акцијата во Куманово, постапиле непрофесионално и спротивно на полициската процедура во вакви случаи, оставајќи го лицето без неопходен надзор, поради што тоа ја искористило состојбата и избегало. Со тоа полицајците сториле потешко кршење на работниот ред и дисциплина за што e поднесен предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.

Прашањата за мотивите, инспираторите и организаторите на инцидентот во Куманово, се уште се без одговор.

И додека македонското МВР е посветено на зајакнување на безбедноста и превенирање на евентуални нови безбедносни ризици, денеска стигна значајна донација во опрема наменета за Пограничната полиција и за Царинската управа. Заменик - шефот на мисијата на САД, Барт Путни, заедно со генералниот директор на Царинската управа, Наташа Радеска-Крстевска, раководителот на Граничната полиција, Маринко Кочовски и други функционери, присуствуваа на церемонијата на донација и демонстрација на опремата обезбедена преку Програмата за контрола на извозот и гранична безбедност (EXBS). Опремата, во вредност од 212.000 долари, се состои од рентгенски систем за преглед, уреди за откривање радијација, опрема за попречување нелегални активности, рачни светилки, лисици, литиумски батерии и термална камера за надзор. Се очекува донацијата да помогне во зајакнувањето на способноста на македонската Гранична полиција и на Царинската управа за вршење на професионална гранична контрола - надзор на границите, патроли, мобилни и операции на пресретнување, борба со прекуграничен криминал и тероризам, откривање радијација, идентификација на оружје за масовно уништување и сличен материјал, како и за примарни и секундарни инспекции на граничните премини.