Кој го уби Литвиненко?
25 ноември 2006Британскиот печат шпекулира околу причините за смртта на екс-агентот. “Индипендент“ релативно претпазливо на насловната страница прашува: “Кој го уби Литвиненко?“ “Тајмс“, наспроти тоа, е порешителен и насловот таму гласи: “Отруениот шпион е жртва на државен тероризам“. Весникот цитира висок британски службеник, кој анонимно изјавил дека веќе има доказен материјал кој сеуште не е објавен. Тој материјал укажува на тоа дека Литвиненко навистина бил убиен од странски агенти.
Едно веќе сега е сигурно – смртта на Литвиненко е дело на професионални убијци. Радиоактивниот материјал полониум 210, од кој што почина екс-шпионот, бил дозиран целно. Научниците во британскиот печат пишуваат дека материјалот веројатно потекнува од некоја атомска централа.
Опасноста што произлегува од радијацијата е причина британската полиција да нареди прегледи на лекарите и персоналот кои го негувале Литвиненко.
Во моментов се прегледуваат и сликите од видео-камерите за набљудување за да се види со кого се сретнал екс-шпионот на денот на труењето. Сеуште нема официјална изјава од страна на британската влада. Литвиненко има британско државјанство и во случај руските власти да биле вмешани во убиството, би се создале дипломатски тензии меѓу Лондон и Москва.
Инаку,британската влада по убиството со труење на поранешниот руски агент Александер Литвиненко, побара помош од Кремљ за расветлување на случајот. Претставници на британската влада разговараа за случајот со руската амбасада. Во телото на 43 годишниот Литвиненко, кој почина во четвртокот, биле пронајдени високи дози на радиоактивната супстанца полониум. Истрагата поаѓа од тоа дека досега непознат извршител тајно му го дал полониумот на критичарот на Кремљ. Литвиненко, кратко пред својата смрт, го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека наредил негово убиство. Путин одби секаква замешаност во случајот.