Кој го има најголемиот... Александар?
2 декември 2013Првиот канал на германскиот јавен сервис АРД во неделата објави репортажа за Скопје, во која, со доза на иронија и хумор, се обработува проектот „Скопје 2014“ и се анализираат причините за градежниот зафат. Репортажата ви ја пренесуваме во целост:
„Кој го има најголемиот... Александар? Македонците! И тоа 23 метри висок. И уште неколку други големци. Во период од само три години Владата на малата балканска држава го претвори Скопје во бизарен историски Дизниленд. 20 нови згради и стотици споменици. Иницијаторите велат: Народот тоа го сака.
„Овој проект ја одразува дебатата меѓу народот. Тоа не е идеја на владата“, вели архитектот Вангел Божиновски.
Зошто да не се изгради една Триумфална капија? Или одново да се рекреираат некои историски стилови? Нема место? Сеедно. Важно е дека опкружувањето одговара.
„Секој ден се гради нешто ново и уште поодвратно“, се жали архитектот Дејан Јовановски, кој не е одушевен од ваквиот развој. „Се обидувам повеќе да не минувам низ центарот на градот. Како архитект не можам да прифатам дека живеам во ваков кошмар. Во центарот на оваа ткн. архитектура“.
Не сите во Скопје ја прифаќаат оваа кич-офанзива. Архитекти и историчари организираа протести. Тие сакаат да спречат целиот центар на градот да биде накитен со барокни фасади. И секако: колку чини сето ова! Македонија е една од најсиромашните земји во Европа. Има 30 проценти невработеност.
Без разлика, индустријата на статуи бележи бум. Владата веќе потроши околу половина милијарда евра, сметаат критичарите. За лавови, коњи, таткото на Александар и секакви други национални херои. Македонија во меѓувреме, и официјално, е „Колевка на цивилизацијата“. За тоа е информиран секој посетител уште при пристигнувањето со СМС порака, заедно со трошоците за роаминг.
Градби за националниот идентитет?
Еден од идејните творци на проектот е Вангел Божиновски. Пред сѐ симпатичен човек, кој на Фејсбук постира национални знамиња и покани за онлајн- покер. „Неколку стотици споменици, тоа за еден град како Скопје е многу малку“, вели тој. „Пред овој проект мислевме сме некаков меѓународен народ, без сопствен идентитет. Сега дури конечно гледаат и разбираат Македонците, какво богатство им оставила историјата“.
Од градот Скопје ги демантираат гласините дека ќе се преименува во Александрија. Тоа се малициозни подметнувања, велат оттаму. Навистина штета.
„Кога целата оваа архитектура би ја ставиле на психоанализа, на површина би излегле точно сите комплекси кои ги има овој амбиент“, вели професорот по археологија, Никос Чаусидис.
Мајка Тереза- како статуа
Ах Скопје. Кога би те немало, ќе моравме да те измислиме. Токму поради вакви наслови: „Златниот пенис е покриен, статуата на Прометеј доби гаќи!“ Или: „Се планира 30- метарска статуа на Мајка Тереза!“ Нобеловката доаѓа оттука. И кој повеќе би се радувал на еден огромен споменик од најскромната жена во светот? Место во центарот има доволно.“