1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ги финансира џихадистите на ИДИЛ?

Андреас Бекер / Елизабета М. Фиданоска21 јуни 2014

Од заземањето на ирачкиот град Мосул, џихадистичката група ИДИЛ важи за најбогата терористичка организација на светот. Од каде доаѓаат парите?

https://p.dw.com/p/1CNYZ
Bildergalerie ISIS
Фотографија: picture-alliance/abaca

При заземањето на северноирачкиот град Мосул борците на ИДИЛ (Исламска држава во Ирак и Левант) од тамошната Централна банка ограбија 500 милијарди ирачки динари, или околу 420 милиони американски долари. Групата сега за својата „света војна“ на располагање има околу две милијарди долари. Од каде точно потекнуваат парите е прашање околу чии одговори се спори.

Ирачката шиитска влада ја обвинува Саудиска Арабија дека им дава поддршка на борците на ИДИЛ. „Саудиска Арабија е одговорна“ за она што ИДИЛ го добива како финансиска и морална поддршка, изјави ирачкиот премиер Нури ал-Малики во вторникот (17.06). САД, кои се сојузник на Саудиска Арабија, ги отфрлаат обвинувањата на ирачкиот премиер. Изјавите се „неточни и навредувачки“, изјави Џен Псаки, портпарол на американското Министерство за надворешни работи во вторникот вечерта.

Пари од Заливските држави?

„Нема јавно достапен доказ дека владата на една држава учествува во создавањето или финансирањето на ИДИЛ како организација“, објаснува Чарлс Листер од Брукингс Доха центарот. Гинтер Мејер, раководител на Центарот за истражување на Арапскиот свет од универзитетот во Мајнц, пак, нема сомневање во изворот на финансиите. „Најважен извор за финансирање досега беше поддршката од Заливските држави, пред се‘ Саудиска Арабија, но и Катар, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати“, оценува Мејер за Дојче веле.

Bildergalerie ISIS
Се проценува дека ИДИЛ за својата „света војна“ на располагање има околу две милијарди долариФотографија: picture-alliance/abaca

Мотивацијата на сунитските држави од Заливот беше борбата на ИДИЛ против режимот на претседателот Асад во Сирија, вели Мејер. Три четвртини од сириското население се сунитски муслимани, додека пак со земјата раководи малцинството на алевитите, кои се странична „гранка“ на шиитскиот ислам.

Во меѓувреме, владата на Саудиска Арабија станува свесна за опасностите. „Саудијците во меѓувреме го сочинуваат најголемиот контингент на странски борци во ИДИЛ. Кога тие борци ќе се вратат, се заканува опасност тие таму да се завртат против саудискиот режим“, вели Мејер. Сепак, додава тој, и натаму има причина да се смета дека Саудиска Арабија дава пари и тоа „помалку од страна на Владата, а повеќе од страна на богати Саудијци“.

Пари од нафта и уцени

Втор по важност извор на пари за ИДИЛ, според Мејер, се нафтените полиња на северот на Сирија. „ИДИЛ сфати дека треба да ги стави овие извори под своја контрола. Нафтата потоа со камиони се пренесува преку граница во Турција. Тоа е важен извор на финансии.“

Според Чарлс Листер од Брукингс Доха центарот, ИДИЛ е во состојба во голем дел да се финансира сама. „ИДИЛ правеше напор да создаде мрежи во општеството со помош на кои би добивала пари на долг период.“ Листер како пример ги наведува систематските уцени во Мосул, кој во меѓувреме е освоен од страна на ИДИЛ. „Погодени се ситни бизнисмени и големи фирми, градежни фирми и, ако се точни гласините, дури и локални претставници на Владата“, нагласува Листер за ДВ. „Освен тоа, се претпоставува дека организацијата воведува даноци во регионите кои се целосно под нејзина контрола, на пример во Рака, на североистокот на Сирија.“

Мејер смета ИДИЛ не добива пари од кругови на ирачкиот екс диктатор Садам Хусеин. За такво нешто, според него, целите се премногу различни. Двете страни сакаат да ја соборат шиитската влада, но ИДИЛ потоа сака да создаде исламистичка божја држава, а сунитите на партијата на Садам Хусеин, наспроти тоа, се за секуларна демократија.

Bildergalerie ISIS
Според проценките, ИДИЛ има околу 10.000 борциФотографија: picture-alliance/abaca

Пари за џихад

Финансиски најголемиит успех за ИДИЛ беше ограбувањето на Централната банка во Мосул, што донесе 429 милиони американски долари. Ограбени се и останатите банки во Мосул и подрачјата кои се под контрола на ИДИЛ, вели Мејер. Со парите оваа органзиација „може да купи многу џихад“, напиша на Твитер сирискиот блогер Елиот Хигинс под својот псевдоним Мозес Браун. „Со 429 милиони долари ИДИЛ може цела година да им плаќа по 600 долари месечно на 60.000 борци.“

Според проценките, ИДИЛ има околу 10.000 борци. Не е познато како организацијата ги троши парите. „Се претпоставува дека се плаќаат барем странските борци во своите редови, а можеби друи и сите борци“, вели Листер. „Во подрачјата кои ги има под контрола, организацијата субвенционира леб, вода и гориво, а освен тоа таа таму ја финансира и поправката и пуштањето во повторна употреба на основните јавни услуги. Сето тоа чини пари.“

ИДИЛ веројатно троши пари и за вооружување, објаснува Мејер. При освојувањето на Мосул борците на ИДИЛ дојдоа до многу американско оружје и возила. „Со финансиските можности сега е лесно на меѓународниот пазар да се набави друго одлично оружје.“