1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовската „лавина“ стигна до Германија

Б. Георгиевски/дв/бц/дпа9 февруари 2015

Германската амбасада во Приштина веќе го оцени како „масовен егзодус од Косово“, драматичниот пораст на бројот на луѓе кои ја напуштаат младата држава. Бранот стигнува и до Германија

https://p.dw.com/p/1EYKL
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Првиот човек пристигна со такси, а потоа едно семејство од Регенсбург и на крајот автобус полн со баратели на азил од Цирндорф“, пишува весникот Нордбајерише курир. Пегниц е мало место меѓу Бајројт и Нирнберг во најјужната сојузна германска држава- Баварија, а тој регионален весник е еден од првите кои ја бележат состојбата во германските прифатни центри по „масовниот егзодус“ и „лавината азиланти од Косово“. Тие изрази, имено, ги употреби германската амбасада од Приштина опишувајќи ја состојбата за која медиумите во регионот веќе подолго известуваат.

За време на викендот, весникот Билд ам Зонтаг- неделното издание на весникот Билд, објави текст под наслов “Можеме ли да ја запреме лавината?“ Во него се пренесуваат наводите на германската амбасада во Приштина според кои „Косово месечно го напуштаат од 25 до 30 илјади луѓе- тоа за една година би изнесувало 300 илјади луѓе или една шестина од вкупното население“, предупредуваат дипломатите и апелираат на владата во Берлин да „го скрати нивниот престој во Германија“.

Според денеска (09.02) објавената статистика на германското Министерство за внатрешни работи, во јануари годинава бројот на баратели на азил во земјата пораснал за 73 проценти во однос на истиот месец лани. Најголем е порастот кај барателите на азил од Косово и Албанија. Бројот на Албанци пораснал од 940 во декември на 1.648 во јануари годинава, а бројот на Косовци од 1.956 во декември на 3.630 во јануари годинава.

Во разговор за ДВ, шефот на германскиот Завод за бегалци и миграции, Манфред Шмид потврдува дека во последните два месеци бројот на баратели на азил од Косово се зголемил четирикратно. „Доколку ги споредите 2014 и 2015 година имаме зголемување за 572 проценти“, вели Шмид.
И покрај напливот на барања, досега не е одобрено ниту едно од нив, потврдува Шмид.
„Нашите службеници добија насоки во најбрз можен рок да ги обработуваат барањата на Косовците. Договорено е овие државјани потоа да добијат забрана за патување во земјите од Шенген-просторот“, вели Шмид.

Serbische Polizei nimmt illegale Auswanderer aus Kosovo an der Grenze zu Ungarn fest
Косовските бегалци најчесто нелегално ја преминуваат српско-унгарската границаФотографија: Reuters/M. Djurica

Потребни преведувачи од албански

За тоа време, во баварското градче Пегниц расте потребата за преведувачи од албански, бидејќи „Сефтоли Бајрам не може да постигне сам“, се наведува во продолжение на репортажата на Нордбајерише курир. „Едно семејство се жали дека во собата им е премногу студено, една мајка бара лекар поради воспалението на окото на нејзиното дете. Беа сместени во едно семејство во Ерланген, слично како и уште 100 бегалци. Таму, вели таа, не само што не биле почитувани од тоа семејство, туку не било ни чисто. Тоа предизвикало алергија кај многумина, вели таа.
„Досега никогаш во некое сместувалиште не пристигнале одеднаш толку многу бегалци, така ни рекоа во општината“, вели низ насмевка домарот Михаел Фојерлајн. Тој е роден оптимист, исто како и Рене Бернт, сопственик на поранешната печатница во Пегниц во која сега се наоѓа прифатниот центар. Кон крајот на минатата недела имал полни раце работа- требало секому да му се покаже каде е неговата соба, каде бањата, а каде кујната... Домарот Михаел Фојерлајн е и уморен. Слушнал од Бајројт дека неделава ќе пристигнат уште седум бегалци, од нив, пет деца. Но, тој е подготвен, а и куќата е во добра состојба. 'Многу од Германија, тука со задоволство би живееле. Тоа е десет пати подобро одошто во камп или во шатор, додека надвор паѓа снег“, вели Фојерлајн.