1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово ја подели Европа

19 февруари 2008

Дали Косово треба да биде признаено како независна држава?Ова прашање предизвикува длабок јаз на поделба во меѓународната заедница и во Европа.Коментаторите на германските весници се занимаваат со заднината на настанитe.

https://p.dw.com/p/D9wj
Европските министри разединети околу КосовоФотографија: AP

За одбивањето на Шпанија и други европски земји да го признаат Косово, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува:


„Во реалноста Шпанија веројанто пред се’ страхува дека сепаратистичките сили во Баскија и Каталонија ќе се повикаат на косовскиот пример, за да ги легитимираат сопствените стремежи. За однапред да ги исклучат сецесионистичките тенденции во нивните земји, се претпоставува дека Словачка, Бугарија и Романија ќе и се придружат на Шпанија. „Платформата за заеднички принципи“ склепана од министрите, всушност треба да ги покрие разликите во конкретното прашање за признавање на Косово. Неединството не е толку драматично се’ додека сите ја поддржуваат новата европска мисија на Косово, ЕУЛЕКС. Но, повторно се покажа дека различните околности, интереси и традиции на земјите членки не можат едноставно да се исклучат при донесувањето решенија во Брисел“, заклучува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.



Весникот „Ханделсблат“ од Диселдорф, во фонот на разликите во Унијата, прашува:


„Дали постои заедничка европска надворешна политика? Сомнежите се основани кога ќе се погледне хаосот во европското однесување во врска со Косово. Четири земји, меѓу кои и Германија, се изјаснија за признавање на новата џуџеста држава на Балканот. Шест други ЕУ земји, меѓу кои и Шпанија, се стриктно против. Мнозинството молчат и чекаат да се смират бранувањата. САД го диктираат тонот, како и толку пати, кога Европејците се поделени. Сигурно, и оваа криза, било како, ќе пројде. ЕУ ќе се усогласи околу компромисни формули, ќе инвестира милијарди и ќе се надева на најдоброто. Но, еднаш за секогаш беше испуштена шансата за кохерентна и самостојна политика за Балканот“, оценува „Ханделсблат“.


„Либекер нахрихтен“ коментира:


„Се разбира, постои право на самопределување на народите. Но, уште повисоко стојат човековите права - и за српската етничка група. Дури кога ќе може да се смета за обезбедено дека државната власт на Косово ги гарантира тие права, земјата ќе се здобие со право да биде признаена од меѓународната заедница како самостојна држава. Ќе беше подобро министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и неговите колеги да причекаа додека сите членки на ЕУ да изнајдеа заедничка линија. Вака, тие стават нов клин во надворешно-политички, поради неединството, ионака слабата ЕУ“ - се вели во „Либекер Нахрихтен“.


Европската мисија ЕУЛЕКС е исправена пред тешки задачи, смета денешен „Рајн-цајтунг“ од Кобленц.


„ЕУ ја чека голем тест. Таа мора да успее да создаде предуслови за стабилно и демократско Косово. Таа мора да ги зачува интересите на Албанците, без целосно да ги налути Србите. Тоа чини време и пари и може да се оствари само доколку заедницата ефективно врши контрола врз политиката во Приштина и коге е нужно ќе интервенира. Но, тоа е отежнато од фактот дека европската мисија за правна држава стои врз климава правна основа - Унијата де факто истрчува без мандат на ОН. Затоа сега е потребна дипломатија“, пишува „Рајн Цајтунг“.