1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово - централна тема на разговарите на Меркел во Будимпешта

21 август 2007

Германскиот канцелар Ангела Меркел денеска престојува во посета на Унгарија. Меркел се состана со претседателот Ласло Солјом и со премиерот Ференц Ѓурчањ, како и со водачот на опозицијата Ласло Орбан.

https://p.dw.com/p/BWWS
Ангела МеркелФотографија: AP

Ангела Меркел не изнесе многу конкретни подробности од разговорите. Таа ја пофали улогата на Унгарија во рамките на ЕУ за време на германското претседателство со Унијата. Со географската близина кон Западен Балкан Унгарија има искуства со регионот, рече Меркел и додаде: “Од неа можеме многу да научиме”. Тие унгарски искуства Германија сака да ги искористи. “Европа треба секогаш да зборува во еден глас”, се заложи канцеларот и додаде дека Унгарија секогаш притоа се покажа како партнер од доверба. Унгарскиот премиер Ференц Ѓурчањ, пак, нагласи дека меѓународната заедница не треба да заборави оти и во Србија треба да владеат ред и мир.

Во Будимпешта наредниот месец се очекува посета и на српскиот премиер Воислав Коштуница.

Според претходните најави, Меркел во унгарскиот главен град разговарала и за заедничката европска политика во областа на енергетиката, како и за билатералните германско-унгарски односи.

Германија, инаку, е најважен трговски партнер на Унгарија: 30 насто од целокупниот извоз оди за Германија,а од таму доаѓа и 29 насто од целокупниот увоз. Само во првите пет месеци од годинава волуменот на меѓусебната германско-унгарска трговска размена достигна 15,7 милијарди евра.

Предвиден е и настап на Ангела Меркел на Универзитетот Андраши, единствен на кој се држи настава на германски, а е надвор од германското јазично подрачје.

Меркел утре ќе лета за Лондон на средба со британскиот премиер Гордон Браун, а ќе присуствува и на пријателскиот натпревар на фудбалските репрезентации на Англија и Германија утревечер на новиот стадион Вембли.