1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: уметноста не познава граници

19 декември 2009

Поделбата на Косово не ги одмина ниту културните работници. Во народниот театар во Приштина работат само Албанци, а во неколку други театри работат само Срби. Дали тие воопшто имаат контакт едни со други?

https://p.dw.com/p/L739
Поделбите не ја одминаа ни културата - Косовскиот народен театар во ПриштинаФотографија: DW

Уметничкиот директор на Народниот театар во Приштина, Јетон Незирај тврди дека во таа институција нема вработени Срби, ниту во администрацијата, ниту во ансамблот. Според него, проблемот е од практична природа, бидејќи многу тешко се наоѓаат професионални актери иако тој лично имал контакти со културни работници од српската заедница. „Лично соработувам и сум работел со Зоран Ристиќ. Тој пред десетина години беше овде кај мене, пиевме кафе и разговаравме за понатамошната соработка.“

Тетарот „Гето“ од Чаглавица

Зоран Ристиќ е професионален режисер. Пред војната работел во ТВ Приштина и во српската драма, а веќе неколку години го води театарот „Гето“ со седиште во блиската Чаглавица. Тоа е единствениот српски театар јужно од Ибар, со исклучок на аматерскиот театар во близина на Гнилање. Настапувале во српските средини во Косово и на фестивали во Србија. „Театарот ’Гето’ е ад-хок институција и ад-хок група на талентирани деца од централно Косово. Намерата ни беше да се оттргнеме од дневно-политичките случувања. Децата се собраа со идеја да сториме нешто што ќе не држи зафатени, но и нешто креативно. Имаме околу 20 деца од различни средини- главно средношколци. Нашата основна културно- политичка содржина е да правиме театарски претстави за деца и млади“.

Ристиќ ја наведува конкретната соработка со директорот Незирај која започнала во 2005 година. „Не спои идејата да направиме претстава за исчезнатите и киднапираните. Кога се во прашање киднапирани или исчезнати лица, болката е иста, независно дали станува збор за Албанец, Србин или некој од друга вера или нација. Размислувавме како да им помогнеме на тие луѓе чии најблиски исчезнале. Решивме да направиме претстава и со неа да гостуваме во тие средини каде е најголем бројот на исчезнатите. Ја направивме претставата ’Најдолгата зима’, која беше играна и на албански и на српски јазик, а од неа беше издадена и книга. Албанската група ја играше претставата во албанските, а српската во српските средини“.

Kosovo ist Serbien Graffiti
Политичките тензии и понатаму го обременуваат секојдневниот живот - Графит во КосовоФотографија: AP

Членовите на театарот „Гето“ потоа соработувале и со „Приштина филм“, и со невладината организација „Арт полис“ од главниот косовски град, а режисерката Зана Хоџа Красниќи им помогнала да организираат неколку детски претстави.

Најпрво е потребна политичка волја

Незирај е подготвен во рамките на Народниот театар да ја врати српската драма која беше активна до 1999 година. „Мислам дека сме подготвени за тоа, особено затоа што сум јас овде. Драмата треба да постои како што беше и порано, но кога ќе се случи тоа, не зависи од нас. За тоа треба да постои одредена политичка волја. За да се основа српската драма се потребни и пари и луѓе. Голем проблем е и што професионалците си заминаа од Косово“.

National Theater Pristina Flash-Galerie
Фотографија: Mimoza Cika Kelmendi

За ваквата состојба тој ја обвинува и албанската и српската страна кои подлегнале на политичките притисоци. „Косовската страна може да биде прва и да го направи првиот чекор, но не верувам дека српската страна тоа веднаш ќе го прифати“.

Двајцата соговорници ги истакнуваат лошите услови за работа на и онака малиот број српски актери, главно аматери. Тие работат во училиштата или во домовите за култура, без елементарни услови. Ристиќ, кој бил член на српската драма, денес не знае многу за неа, особено откако се префрлила во Косовска Митровица. „Колку што знам, тие од време на време прават по некоја претстава, но по премиерата и уште две- три епизоди, завршува нивниот креативен развој“.

На членовите на театарот „Гето“ речиси никој не им помага иако тие, како што вели Ристиќ, би преговарале и со црниот ѓавол за да обезбедат подобра иднина. „Кога е српската култура во прашање, она што го правам јас е да се обидам да контактирам со сите луѓе со добра волја, без разлика дали се странци или членови на косовската Влада. Јас сакам секој што има добра волја да вложи во културата. Сакам да помогнам“.

Автор: Рефки Алија/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска