1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово се премисли за Еулекс

12 ноември 2008

И девет месеци по иницијативите за нејзино почнување, полициската мисијата на ЕУ на Косово се` уште не стартувала. Откако Белград и ОН се договорија, одеднаш Косово го оспорува присуството на европските полицајци.

https://p.dw.com/p/FsNg
Првичното пријателство меѓу Еулекс и Косово се разнишаФотографија: AP

„Зидојче цајтунг“ вака објаснува зошто Косово се противи на мисијата Еулекс:

„Владата во Приштина стравува дека прилагодувањето на ОН и ЕУ на условите на Белград ќе овозможи трајна поделба на Косово и со тоа ќе ја загрози независноста на земјата. Во северот на Косово има многу места каде Србите се мнозинство. Предлозите на ОН целат кон тоа да се создадат автономни српски енклави, врз кои косовската влада, практично, и нема да има власт“ - пишува денеска „Зидојче цајтунг“.

Европската полициска мисија на Косово, на која Брисел беше особено горд, се` уште не стапила на сила, благодарение на отпорот на Москва и ветото што го постави во Советот за безбедност на ОН, коментира денеска „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Еве што друго читаме во весникот на тема европска мисија на Косово:

„Досега Белград и` задаваше главоболки на ЕУ, бидејќи не ја признава власта на Косово. Косоварите, од друга страна, отсекогаш сакаа Еулекс што поскоро да влезе во земјата, бидејќи со тоа ќе заврши нејзиниот статус на протекторат на ОН. Имено, иако Еулекс во некои подрачја ќе има извршна власт, мисијата официјално треба да биде само советодавно тело, што ќе им помага на самостојните косовски власти“ (...)

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ понатаму вели:

„Некои европски дипломати претпоставуваат дека Косоварите се изненадени од ненадејната соработка на Србија.“ (...) „ЕУ досега ги следеше разговорите само однадвор, бидејќи Белград ги водеше разговорите исклучиво со ОН. Министерот за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, пред неколку дена јасно нагласи дека Белград нема ништо против мисијата Еулекс, но и понатаму ќе инсистира на тоа српскиот суверенитет врз Косово да не се става во прашање во официјалните документи. Тој потсети и дека Русија во Безбедносниот совет ќе го блокира секој обид да се промени ова.“ (...)

„Затоа ЕУ се обидува да помогне во постигнувањето компромис. Во спротивно, нејзината положба во Косово ќе биде иста, како и минатата пролет: присутна е, но без правна основа“ - читаме денеска во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Со оваа тема се занимава денеска и „Ноје цирихе цајтунг“.

„Најновата согласност меѓу Белград и ОН би можела да биде само илузија. Меѓутоа, ваквите дипломатски транскации само ги комплицираат позициите на сите вмешани. Но, во очите на неискусниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, тоа не изгледа така. Заедно со претседателот Тадиќ, се обидуваат на домашната публика да и` покажат дека Србија повторно ја диктира судбината на Косово. Оваа стратегија кулминира во изјавата дека мисијата Еулекс, скроена по вкусот на Белград и одобрена од Советот за безбедност на ОН, засекогаш ќе го закопа планот на Ахтисари. А на ваква провокација, властите во Приштина не можат само да кажат ништо друго освен ’не’, очигледно со поддршка од САД“.