1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово повторно пред Советот за безбедност на ОН

13 април 2004

Советот за безбедност, според најавата на неговиот интернет сајт, денеска треба да одржи отворена седница на која ќе се расправа за состојбата на Косово и за работата на тамошната мисија на ОН. За српскиот премиер Воислав Коштуница Косово станува легло на тероризам, додека министерот за одбрана на Албанија Пандели Мајко смета дека нема друг пат освен независност на покраината.

https://p.dw.com/p/AdFQ
Седница на Советот за безбедност
Седница на Советот за безбедностФотографија: AP

Денешната не е од редовните седници на Советот посветени на работата на УНМИК, какви што се одржуваат четирипати годишно, и на неа нема да присуствува официјален претставник на мисијата, изјави нејзин портпарол во Приштина. За состојбата на Косово и за развојот на настаните таму во последните недели, членовите на Советот ќе ги извести претставник на Отсекот за мировни операции на светската организација, тело надлежно за сите мировни и воени мисии на ОН. Во мартовските безредија беа убиени 19 лица,запалени и уништени преку 700 главно спрски куќи и 30-ина цркви, а околу 4 илјади Срби и други неалбанци беа приморани да ги напуштат домовите.

Косово станува легло на глобалниот тероризам, а мисијата на НАТО во покраината е на ”работ на пропаста”, оцени српскиот премиер Воислав Коштуница во интервју за една руска телевизиска станица. “Албанскиот тероризам”, вели Коштуница, “има јасна цел – да изведе етничко чистење”. Полицајците и службениците на ОН не ги извршија задачите предвидени со мандатот од Советот за безбедност. Тие повеќе се грижеа за сопствената, отколку за безбедноста на населението на Косово. Терористите, вели српскиот премиер, не ги заплашија ни 17 ипол илјади војници на НАТО и повеќе илјади полицајци на ОН и тие ја изложија на потсмев светската јавност, која секогаш беше лојална на акциите на етничките Албанци. Не може со сигурност да се каже дали била замешана во мартовските настани, но Ал Каеда била активна во покраината, ја поддржа ОВК (Ослободителната војска на Косово) и веројатно и денес е присутна под маска на хуманитарни и верски организации, вели Коштуница.

Ставот спрема Косово, според албанскиот министер за одбрана Пандели Мајко, е мерило за развој на односите со Србија и Црна Гора. Во неговиот ресор тие се, како што вели, “скоро на нула”.

“Ова не го зборувам во негативна смисла на зборот, но тие односи се развиваат многу бавно. За нас е многу значаен односот на Белград спрема прашањето на Косово. Без јасна и меѓународно признаена изјава дека Србија и Црна гора сакаат мирно и демократско решение на косовското прашање сигурно дека нема да дојде до меѓудржавна соработка на воен план. Мислам дека секој аналитичар знае што ќе се случи доколку српски војници се обидат да ја минат границата меѓу Србија и Косово”, рече Мајко деновиве за Дојче Веле.

Во врска со предлогот на српската влада за автономија и кантонизација на покраината, тој тврди: “Веќе долго време Србите се обидуваат да тргуваат со работи кои не се во нивни раце”.

Мајко изразува надеж дека “нема да дојде до натамошни обиди за дестабилизација на Косово” и во однос на иднината на покраината вели: “Мислам дека нема друг пат освен независност; враќање на претходната состојба е невозможно и незамисливо”, оцени министерот за одбрана на Албанија Пандели Мајко.