1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово-„камен за сопнување“ за Западен Балкан и ЕУ

24 март 2010

„Некомплетен самит за Западен Балкан“ - српското отсуство поради Косово го намалува симболичното значење, пишува „Ноје цирхер цајтунг“ за неодамна одржаната конференција во Брдо за Крањ.

https://p.dw.com/p/MZqE
Јадранка Косор, Борут Пахор и Хашим Тачи на конференцијата во Брдо кај КрањФотографија: dpa

„Тоа требаше да биде самит на позитивни симболи. Љубљана инвестираше многу престиж и труд. Замокот Брдо, седиште на Хабзбурзите од 16. век, во 1991 година беше арена на последниот обид Југославија да се рекомпонира како лабава конфедерација. Денес, се разбира, за тоа не може да стане збор. Но организацијата на манифестацијата, заеднички со Хрватска, покажува дека Словенија ја напушта тврдата политика во граничниот спор и сака да игра улога на чесен посредник и пример за регионот.

На самиот почеток конференцијата беше дефинирана како „процес од Брдо“, кој треба да ја поттикне соработката и меѓусебната подршка на западнобалканските земји на патот кон ЕУ. Но, токму во политиката на симболи, многу посилно отколку во секојдневната соработка, меѓу државите на Западен Балкан уште има големи анимозитети.

Спорниот статус на Косово постојано се појавува како камен за сопнување, поради кој уште кај протоколарните прашања и’ се заканува неуспех на регионалната кооперација. Но, тој камен на сопнување не се ограничува само на Западен Балкан. И ЕУ не е единствена по прашањето на признавањето и од локалните медиуми токму во врска со тоа се доведува симболички значајното отсуство на претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој и на шпанското претседателство со Европскиот совет“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Автор: „Ноје цирхер цајтунг“

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска