1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово е тешко и деликатно прашање

11 мај 2007

Највисокото тело на Светската организација синоќа во Њујорк го разгледуваше извештајот на мисијата на Советот за безбедност на ОН, која неодамна престојуваше на Косово.

https://p.dw.com/p/AdfB
Фотографија: AP

Претседавачот со Советот за безбедност,американскиот амбасадор Залмај Халилзад оцени дека мнозинството членки го подржува планот на специјалниот пратеник Марти Ахтисари за набљудувана независност на Косово,и покрај противењето на Русија.Тој е уверен дека ќе има доволно гласови за поддршка на планот,ако Русија не вложи вето.

Косово е тешко и деликатно прашање,истакна Халилзад,во што се согласни сите членки на Советот.

Но,според американскиот амбасадор,планот на Ахтисари нема алтернатива,додека статус кво би водело веројатно кон еднострано прогласување независност на Косово.

Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин пак оцени дека извештајот на мисијата го потврдува ставот на Русија,имено,дека на Косово не се исполнети стандардите предвидени со Резолуцијата 1244 и дека Белград и Приштина треба да ги продолжат преговорите.Чуркин изјави дека е доста охрабрен што ставот за потребата од натамошни контакти и разговори го делат и дел од членките на Советот за безбедност.Чуркин наведе дека од никого не чул ниту дека стандардите на Косово се исполнети,што значи според него дека претстои уште долг пат.И Русија би сакала прашањето за Косово да биде решено што побргу,никој не заговара зачувување на статус кво,но ова прашање мора сериозно да се разгледа и да се земат во предвид сите опции,зашто никогаш досега немало слични предлози во врска со дел од некоја земја,потенцира Чуркин.

Францускиот амбасадор Жан Марк де ла Саблиер изрази жалење што ставовите на двете страни се непомирливи,оценувајќи меѓутоа дека тој факт нема да се измени со времето.ОН според него на Косово мора да имат цел да создадат мултиетничко општество,што бара напори за враќање на раселените лица.А предуслов за тоа е нов статус за покрината,зашто статус кво состојбата претставува дестабилизирачки фактор,смета францускиот амбасадор.

Кинескиот претставник во Советот за безбедност Лиу Женмин преку престојот на мисијата на Косово стекнал директни сознанија за состојбата во покраината.Правилното решевање на косовското прашање претставува голем предизвик за Советот за безбедност,кој мора да размисли како да промовира помирување и траен мир на Балканот,а истовремено да обезбеди почитување на меѓународното право,изјави кинескиот амбасадор.

Британската амбасадорка во ОН Карен Пирс пак ја повтори поддршката на планот на Ахтисари дека независноста е најдобро решение за Косово.Тоа е и најдобро решение за јакнење на регионалната стабилност и побрзо вклучување на Балканот во евроатланските структури,потенцираше Пирс.Таа е убедена дека други решенија ,како надгледувана автономија,не би функционирале во пракса,како и дека ништо нема да се постигне со одложувањето на решавањето на статусот.