1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово во борба против корупцијата?

Зулфија Јакупи7 август 2008

Корупцијата е еден од најголемите проблеми на Косово којашто го кочи развојот на стопанството во државата. Но, изгледа, Косово е решено да се бори против овој проблем.

https://p.dw.com/p/EsBn
Корупцијата и сивата економија најголеми проблеми на КосовоФотографија: picture-alliance/ dpa

Корупцијата на Косово е најизразена преку злоупотреба на тендери, вели директорот на косовската Агенција за борба против корупција, Хасан Претени.

„Имаме законски овластувања да интервенираме во процесот на доделување на тендери ако се забележат елементи на фаворизирање или елементи кои не се во согласност со законот. Во последните шест месеци по наша интервенција заштедевме околу 3 милиони евра во буџетот“, нагласува Претени.

Агенцијата има обврска да не ги објавува информациите за постоење на корупција, туку да ги проследи до Обвинителството кое потоа спроведува истрага.

Подигнати се повеќе обвиненија

Информациите од Агенцијата за борба против корупцијата годинава донесоа четири обвиненија.

„Едно е против поранешниот извршен директор на општината Ѓаковица, потоа против еден судија од Пеќ и против двајца доктори коишто се обвинети за злоупотреба на донацијата за очна клиника на Клиничко болничкиот центар на Косово“, вели Претени и додава дека во тек е истрага уште за девет нови случаи.

Истовремено, косовската полиција во првата половина од годинава работеше на 460 случаи поврзани со корупција и економски криминал, нагласува Шаип Хаволи, началник на службата за стопански криминал во полицијата.

„248 случаи му се предадени на Обвинителството, 185 се под истрага, 39 случаи се затворени, а 72 лица уапсени.“

И странци вмешани во случаи на корупција?

Директорот на Агенцијата за борба против корупцијата Хасан Претени не исклучува постоење на корупција кај меѓународните претставници на Косово.

„За жал нашиот мандат е ограничен само на косовските институции, но имаме информации и за вмешаност на странците во некои корупциски случаи. Кај луѓето коишто се вмешани во корупција нема политика, нивната единствена цел е заработка. Има случаи во кои се вклучени и Албанци и Срби, како и останатите малцинства, а има случаи во кои е вклучен и УНМИК или меѓународни претставници. Сите овие случаи им ги проследивме на меѓународните институции бидејќи ние не сме овластени за нив,“ нагласува Претени. Тој додава и дека поддршката за Агенцијата од политичарите треба да се зголеми и да не остане само на убави зборови.