1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Длабок рез во кинескиот систем

Матијас Белингер
8 февруари 2020

Лекарот Ли Велијанг почина од инфекција од корона-вирус. Тој прв предупреди од болеста, но беше замолчен. Многу Кинези сега се огорчени, зашто Ли ги разоткри слабостите на авторитарниот систем, оценува Матијас Белингер.

https://p.dw.com/p/3XSVT
China öffentliches Leben und das Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schiefelbein

Еден лекар предупредува од мистериозна болест. Но, наместо да биде слушнат, му се упатуваат закани и му се забранува да зборува за болеста. Еден месец подоцна лекарот умира од болеста на која предупредувал. Земјата веќе се наоѓа во вонредна состојба. Вирусот се шири се’ повеќе, им се заканува на луѓето во целата земја.

Сето ова звучи како сценарио на некој филм за катастрофи. Но, тоа е реалност. Смртта на Ли Венлијанг ги трогна луѓето во Кина и разбуди бес во нив. Ретко кога социјалните мрежи во Кина биле толку полни со некоја тема како сега. Ретко кога тагата и бесот толку непречено си го нашле патот во коментарите на мрежите. Огорченоста е присутна во големи делови на кинеското општество. Смртта на Ли ги ослободи длабоко всадениот страв и незадоволството.

Одржување на власт како служба во интерес на народот

Комунистичката партија постојано се фали самата за својата способност да одржи стабилност. Таа своето одржување на власт го претставува како служба во интерес на народот. Додека светот е полн со хаос и злосторства, животот во Кина е безбеден, им сугерира пропагандата на граѓаните. За да ја одржи ваквата стабилност, партијата им одзема слободи на граѓаните и си дозволува речиси неограничен арсенал мерки на угнетување. Тие се движат од нескриени злосторства против човештвото, како масовно интернирање на муслиманското малцинство на западот на земјата, преку исчезнување и измачување дисиденти, па се’ до мерки како репресии на работно место и предупредувања од страна на полицијата. Системот е поддржан од голема и рафинирана цензура. И, се разбира, од огромен надзорен апарат кој е обучен веднаш да препознае доколку стабилноста е загрозена.

Bölinger Mathias Kommentarbild App
Матијас Белингер, автор на коментарот

Кога се појавија првите лекарски извештаи во лекарските форуми, властите брзо препознаа каква опасност за нивната власт произлегува од болеста. Реагираа брзо. Но, наместо да се борат против вирусот, тие се бореа против лекарите кои зборуваа за тоа. Им забрануваа да соопштуваат нешто за болеста и ја смируваа јавноста. Вирусот во меѓувреме се ширеше непречено. Владата реагираше дури три недели подоцна. На досега невиден начин таа даде наредба за изолација на огромни региони во кои живеат милиони луѓе. На целата земја и’ беше нареден прилично голем застој. Тоа е демонстрација на моќ, шоу кое на народот би требало да му демонстрира дека власта прави се’ за да ги заштити од болеста. Но, моќта на Комунистичката партија не можеше да го запре вирусот.

Лекар, а не дисидент

Ли Венлијанг, според она што досега е познато, не бил дисидент. Не бил човек кој бара борба со државниот апарат. Бил млад семеен човек, татко и лекар, кој го препознал проблемот и ги предупредил колегите од опасноста. Го сторил она што се очекува од еден одговорен лекар. Но, бил и некој кој во тој момент направил повеќе за да се спречи ширењето на вирусот отколку што правела владата. Неговите и предупредувањата на другите лекари, според многумина, можеле навреме да придонесат за спречување на епидемија, доколку биле објавени јавно. Многумина во Кина сега наеднаш гледаат поврзаност помеѓу недоволната слобода на мислење и опасната болест. Моќта на Комунистичката партија да ги замолчи лекарите била таа што ги изложила луѓето на болеста, сметаат многумина.

Има набљудувачи кои веќе зборуваат за кинески Чернобил. Вирусот ќе доведе до ерозија на кинеската диктатура, како што Советскиот Сојуз беше потресен од несреќата на реакторот, која на почетокот се туркаше под тепих. Други го споредуваат Ли Венлијанг со Мохамед Буазизи, чие самозапалување ја предизвика Арапската пролет. Та е можби претерано. Кинеската Комунистичка партија, благодарение на мешавината од своја флексибилност и бескрупулозност, досега има надминато многу опасности за својата моќ. Но, едно е јасно - на кинескиот систем му е нанесен длабок засек.