1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конституиран парламентот – Авганистан доби законодавна власт

Јоахим Хаген / Саид Муса Самими19 декември 2005

Важен чекор на земјата кон демократија - оцени претседателот Карзаи на првата седница на парламентот по повеќе од 30 години

https://p.dw.com/p/AcaH
Хамид Карзаи (во средината)
Хамид Карзаи (во средината)Фотографија: AP

Вчерашната седница повеќе потсетуваше на племенски собир: многумина пратеници дојдоа со шарени наметки, некои со костум - но и со турбан на главата, други со крзнени капи. Покрај 249-те пратеници, на конститутивната седница присуствуваа и 102-ца претставници на Горниот дом на парламентот, а почесен гостин беше американскиот потпретседател Дик Чејни.

Пратениците положија заклетва пред претседателот на државата Хамид Карзаи дека ќе ги почитуваат исламот, уставот и законите. Во говорот потоа Карзаи гордо истакна дека собирот покажува оти Авганистан е повторно обединет и сега во парламентот ќе може да се зборува за сите проблеми на земјата. Карзаи со тоа алудираше на крвавата граѓанска војна меѓу шефовите на милиции и регионални водачи во 90-тите години, во која беа опустошени големи делови на земјата.

Не е сигурно на каков одек ќе наиде апелот на претседателот за помирување - многумина од тие регионални водачи сега седат како пратеници во парламентот. На некои од нив им се префрлува за кршење на човековите права и за вмешаност во трговијата со дроги, но уште порано Карзаи ги зеде во заштита оти како пратеници биле избрани на слободни избори. Тој, впрочем, е упатен на нивната помош, а тие имаат и голем број приврзеници во своите провинции.

Не може да се согледа ни какво влијание ќе имаат новоизбраните пратеници кои немаат никакво искуство во парламентарната работа. Формирање партии досега е забрането, сите тие се избрани како независни кандидати. Не е јасно ни каква улога ќе игра Горниот дом на парламентот - начелно обата дома ќе имаат мало влијание, оти според уставот претседателот, директно од народот избран пред една година, има најголема власт. Но, парламентот мора да даде согласност за членовите на владата што тој ги предлага. Најважен тест за работата на парламентот ќе биде дали пратениците ќе успеат да ја подобрат безбедносната состојба во земјата.

Со седницата на парламентот во Авганистан се конституира и третиот столб - законодавната власт. Составот соодветствува на етничката структура на земјата во која живеат повеќе од 30 етнички групи: Паштуните имаат 110 места, Таџиците 66, Хазарите 26, Узбеците 19 пратеници. Остатокот ги претставува помалите етнички групи.

Според политичка припадност, конзервативните и традиционалистите претставуваат половина од пратениците. Тие не се стремат кон теократија, туку се политички умерени и приврзеници на народниот ислам, смеса од исламски и предисламски претстави и племенски традиции. За религиозните – од фундаменталисти до умерени, изборите поминаа разочарувачки и тие добија само околу 30, наместо очекуваните 50 насто од мандатите. Во третата група, со околу 20 насто пратеници, се наоѓаат секуларно ориентирани сили, од либерални демократи до приврзеници на многу лево ориентирани здруженија.

„Според мене, голем проблем за пратениците е недостигот од парламентарно искуство. Но, уверен сум дека ние ќе можеме да ги надминеме тие потешкотии ако мислиме на националните интереси, на националните емоции и нционалните визии на Авганистан“, вели Паштунот Башр Дост, пратеник од регионот на Кабул.

Претседателот Хамид Карзаи, умерен Паштун, со оглед на расцепканоста на силите во парламентот, ќе мора да прави отстапки на многу групи во барањето парламентарни мнозинства.

Новиот авганистански парламент, во кого се вклучени сите етнички и политички сили, ќе биде барометар на расположението за тоа колку е новиот Авганистан во состојба конфликтите да ги решава по политички пат.