Конгрес на СДСМ за пратеничките листи
2 мај 2011Во коалиција со СДСМ остануваат Новата социјалдемократска партија на Тито Петковски, Либералната партија со новиот лидер Ивон Величковски, а во новиот анти-владин блок е и ПЕИ на бизнисменот Фијат Цановски, кој досега беше во таборот на власта, но сега иниситира да се институционализира ново малцинство - торбеши, Македонци со муслиманска вероисповед. Не е исклучено и двајца новинари од ТВ А1 да бидат пратенички кандидати на високо рангирани места, или како што се вели, победнички за влез во парламентот. Тоа, на одреден начин, е реванш на опозицијата кон медиумската поддршка што ја доби од телевизијата и трите весници на Велија Рамковски. СДСМ го започнува својот конгрес, зад затворени врати, со долга седница на партискиот врв.
Лидерот Црвенковски нема да се најде на кандидатските листи и во метрополата, на премиерот Никола Груевски ќе му се спротивстави најверојатно Радмила Шеќеринска. Како што е познато, таа еднаш во 2008 година изгуби од него. Таа би била нов премиер доколку СДСМ победи, а Бранко Црвенковски само ќе ја предводи изборната кампања.
„Мојата енергија и ентузијазам, тоа што го знам и‘ се на располагање на СДСМ и на Македонија. Знаете, луѓе кои не се подготвени да влезат во една игра, во една борба за да направат подобро на оваа држава, па макар и да платат одредена цена и да се носат со одредени ризици, не треба да влегуваат во политика“, изјави Шеќеринска, во единствениот досега медиумски настап откако беше промовирана како водач на новиот тим на социјалдемократите.
Се позиционира и позицијата
Од партиите досега само ВМРО-НП ги соопшти водачите на парламентарните листи, при што екс-премиерот Георгиевски и неговите тогашни министри - Додовски и Балковски, се на првите места во три, од 6-те изборни единици.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ја зајакнува досегашната коалиција, при што во неја останува ДОМ, или македонските зелени како што почнаа да се самонарекуваат, а истовремено во сојуз со Никола Груевски е и Демократскиот спојуз на Павле Трајанов:
„Ние имаме стратешки договор со ВМРО ДПМНЕ од 2005 година. Сметаме дека во изминатите пет години се постигнати добри резултати во сите области. Ќе одиме заедно“, изјави на денешната прес-конференција Трајанов.
Во албанскиот блок, ДУИ и ДПА, во наредните два дена ќе ги соопштат своите кандидатски листи, а битката ќе ја водат во скопско, тетовско-гостиварскиот крај и кичевско, каде е концентриран електоратот на Албанците. За нивна поддршка уште ќе се борат и лидерите на двете други партии на Албанците, Османи и Селмани.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска