1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому му припаѓа Нил?

Лудгер Шадомски/Ж. Ацеска13 април 2015

По повеќегодишниот спор околу водата од Нил, Етиопија, Египет и Судан сега очигледно се решија на соработка. Политичарите демонстрираат единство, а набљудувачите предупредуваат-сите конфликти уште не се решени.

https://p.dw.com/p/1F5JC
Фотографија: Reuters/T. Negeri

Свеќи, генератори и трпение, многумина жители на Етиопија се добро подготвени за честите снемувања електрична струја во Адис Абеба. Тоа убаво можеше да го види и египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси кога во текот на неговата посета, снема струја за неколку часа. Тоа беше згодна порака-колку на етиопската метропола ќе и‘ значи струја индуцирана од „Големата етиопска ренесансна брана“, ГЕРД, како што се вика мегаломанскиот проект на горниот тек на Синиот Нил. Поради оваа брана односите меѓу двете држави веќе со години се студени, зашто и снабдувањето на Египет со вода во голем дел зависи од моќната река. Претходникот на ал-Сиси, Мохамед Мурси, дури прикриено се закануваше и со војна.

Камен на сопнување

Владата во Адис Абеба веќе неколку години забрзано работи на најголемиот хидроенергетски проект во Африка, на самата граница со Судан. Етиопија со 90 милиони жители е втора земја на континентот по бројност на населението, по Нигерија, па нејзината потреба од енергија е огромна. Решението го гледа во изградба на низа брани на Синиот Нил. Јадрото на овој потфат е споменатиот ГРЕД, проект вреден над три милијарди евра, чија хидроцентрала ќе може да дава 6.000 мегавати електрична енергија, што одговара на силата на пет нуклеарни електрани. Со тоа Етиопија прилично ќе ја намали зависноста од увоз на сурова нафта, ќе ја зајакне економијата и не само тоа-околу 2.000 мегавати би можела да извезува во соседните земји, меѓу кои и Египет. Првите договори се веќе потпишани.

Во долината на Нил живеат околу 160 милиони луѓе и без таа река Египет би бил класична пустинска држава. Затоа во Каиро има стравувања дека вештачката брана во Етиопија ќе ги остави селаните во Египет практично на суво, на што предупредува и искуството со браната Асуан во 1971. година. Одамна Египет и Судан се повикуваат на колонијалните договори од 1929 и 1959 година, според кои тие две држави имаат право на 90 проценти од водните маси на Синиот и Белиот Нил, како и правото на вето на сите градежни проекти на тие реки.

Karte Nil Verlauf und Renaissance-Staudamm Englisch
Мега-браната би требало да биде завршена во 2017 година

По повеќегодишни кавги, трите заинстересирани земји на 23 март постигнаа принципиелен договор. Египетскиот претседател ал-Сиси и неговиот етиопски колега Хајлемарјам Десален потпишаа спогодба во суданскиот град Картум со посредство на тамошниот шеф на државата, Омарал Башир. Договоорт за изградбата на браната беше претставен свечено, со пријателски зборови, кои посебно во Египет станаа вистинска реткост кога е во прашање Етиопија. Зашто, по соборувањето од власт на Хосни Мубарак, и муслиманското братство и воената хунта ѕвечкаа со оружје во правец на Адис Абеба, што беше згоден маневар за да се сврти вниманието од домашните проблеми.

Технички превод

Спогодбата е голем чекор кон конечен договор за поделба на водите на Нил, вели Абел Абате Демиси од Институтот за мир и развој во Адис Абеба: „Најголемиот проблем е решен, имено, недовербата меѓу Египет и Етиопија“, смета овој аналитичар. „Спогодбата несомнено ќе ги подобри односите на трите земји и тоа не само во областа на економијата и водоснабдувањето, туку и во поглед на безбедноста и регионалната интеграција“.

Односите беа ледени и во времето на Мубарак. кој во 1995 година преживеа атентат во Адис Абеба. Сегашниот претседател ал-Сиси секкао е заинтересиран за подобрени односи со Етиопија, каде се наоѓа седиштето на Африканската унија, организација која може да му помогне на Египет во ситуација на опкруженост со нестабилни соседи од типот на Либија.

Äthiopien Grand Renaissance Staudamm al-Sisi al-Bashir Desalegn
Демонстрација на единство: ал-Сиси, Ал Башир и ДесаленФотографија: Ashraf Shazly/AFP/Getty Images

Сепак, експертот за водоснабдување Равиа Тафик од каирскиот универзитет е скептична.

„Додека не бидат завршени техничките студии, нема да биде потпишана обврзувачка спогодба“, вели таа, додавајќи оти Етиопија иташе во градба, не чекајќи стручни мислења. Сега главната задача е добрите намери, изразени од претседателите, да бидат преведени во технички детали и тоа не само за браната ГЕРД, туку и за сите идни потфати на Нил. „Дури така ќе видиме дали секој профитира од договорот или само Етиопија и тоа на штета на другите, првенствено Египет“, дополнува Тафик во разговор за Дојче веле.

Џиновската брана би требало да почне да функционира во 2017 година. Суданското министерство за енергетика и водостопанство браната ја нарекува „благослов за Етиопија и добивка за останатите“. И Суданците, имено, планираат свои хидроцентрали на Нил.