Кому му припаѓа ирачката нафта?
11 ноември 2009Причината за воздржаноста на големите нафтени компании е тоа што Ирак има сопствени идеи за поделба на приходите кои не се во согласност со плановите на „нафташите“. Компаниите би добивале по два долари за барел и не би учествувале во поделбата на добивките. Освен тоа, експлоатацијата на нафтата останува во рацете на државата, а веќе нема ниту политички отстапки, вели министерот за нафта Хусаин ал-Шахристани:
„Ерата на Садам е минато. Во нашите одлуки нема да има никакви внатрешни или надворешни отстапки.“
Министерот признава дека САД се обидувале да добијат пристап до експлоатацијата на нафтата, но таквите понуди биле решително одбиени:
„Не велам дека во САД нема луѓе кои би сакале да ни‘ даваат совети и изнесуваат разни предлози. Но, во министерството за нафта не ги цениме таквите совети и им одговараме дека самите знаеме што е најдобро за нашиот народ, а кога ќе ни‘ затреба совет, ќе го побараме“.
Резервите на ирачка нафта - трети во светот
Се проценува дека резервите на нафта во Ирак изнесуваат 115 милијарди барели, и дека постојат други неоткриени извори со кои Ирак би можел да стане најголемиот производител во светот. Инаку, поради низата војни, најпрво со Иран, првата и втората Заливска војна и санкциите од ОН, производството е опаднато, машините се застарени и денес дневно се вадат два милиони и 300 илјади барели - што е на нивото од 2003 година.
Но, од странското техничко знаење, поважни се политичките одлуки. Имено, најголемите извори се на шиитскиот југ и курдскиот север и никој не сака тие приходи да ги дели со сиромашните Сунити. Затоа, се‘ уште не е усвоен законот за нафта.
Голем проблем е и корупцијата. Според податоците на Транспаренси интернешнл, Ирак е на 178-то место од 180 држави. Проблемите се бројни. Нафтата се шверцува, црниот пазар цути, исчезнуваат стотици милиони евра. Поранешниот министер Фадил Кабили вели:
„Ако владата е слаба, тогаш сите ја доведуваат во прашање - Курдите, Арапите, разните провинции. Имено, секој би сакал да ја контролира нафтата во својот дел од земјата.“
Автор: Петер Филип / Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска