1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку чини намалената невработеност?

Костадин Делимитов12 декември 2015

Веста за историски намалената невработеност предизвикува задоволство но и загриженост. Некои експерти предупредуваат дека владиниот успех на пазарот на труд чини прескапо. Други пак се сомневаат во реалноста на бројките!

https://p.dw.com/p/1HMIe
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Невработеноста во Македонија падна на 25,5% во третиот квартал од 2015 година, или на досега најниско ниво. Веста која ја соопшти Државниот завод за статистика го израдува премиерот Никола Груевски но ја подели експертската јавност. Анализата на податоците според дел од нив отвора сериозна дилема околу одржливоста на позитивниот тренд, кој главно се базира на сет мерки со повеќе козметичка отколку економска димензија но и клучните фактори се даночните олеснувања, бришењето од списоците на невработени, иселувањето, субвенционираните вработувања на странсkите инвеститори кои имаат еден заеднички именител, несоздавањето додадена вредност:

„Невработеноста во третиот квартал падна на 25.5%, што е намалување од 1.3 процентни поени во однос на претходниот квартал. Ова е исклучително високо намалување, второ највисоко откако Државниот завод за статистика објавува квартални податоци. Со оглед на тоа што се случува во услови на политичка криза и на забавена економска активност, сомнежите се големи. Падот на невработеноста делумно е последица на намалувањето на активното население (за околу 1.500 лица), но пред се` се должи на растот на вработеноста, која е зголемена за околу 12.000 лица. Најголем дел од овие 12.000 нови вработувања се во дејноста „трговија“, околу 8.000. Трговијата е позната како дејност во која има висока сива економија. Оттука, би можело да се каже дека ова е во согласност со мојата претходно елаборирана теза, дека вработеноста во последните неколку години расте само фиктивно, т.е. дека официјалната вработеност расте заради намалување на неформалната вработеност, затоа што оние кои работеле на сиво, сега решаваат да се пријават. Ова би можело да е поттикнато од проектот на Владата „Македонија вработува“, со кој владата почна масовно да ослободува од даноци и придонеси, којшто почна да фукнционира токму во овој период“, коментира за Дојче веле економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Die Freie Wirtschaftliche Zone in der Gegend von Tetovo, Mazedonien
Фотографија: DW

Реална статистика?

Според универзитетскиот професор Томе Неновски пак владините мерки за вработување кои ги користи домашното стопанство и влезот на странските инвестиции се одразуваат на пазарот на труд:

„Влијанието индиректно и директно преку копартнерство оперативност со домашни фирми упатува на тоа дека голем дел од невработените нашле работно место во овие фирми и не само тоа, таму се зголемува и конкурентноста што ја зголемува конкуренцијата на пазарот на трудот како нешто што долго време и недостасуваше на Македонија. Уште еден факт е дека тие ја зголемија мобилноста на пазарот на труд“, смета Неновски.

Arbeitsagentur in Tetovo Mazedonien
Фотографија: privat

Дел од експертите пак се сомневаат дека статистиката е реална, но и се загрижени од растечкиот тренд на т.н. непродуктивни вработувања:

„Во услови кога нема попис и кога имаме различни бројки за иселени од над 400,000 па дури до 600,000 луѓе тогаш стапката на невработеност која е направена врз база на анкета не дава никаков податок дека невработеноста е намалена или пак дека вработеноста е зголемена. Напротив, тоа ги покажува сите аномалии на нашиот систем во делот на статистичките податоци. Невработеноста не се утврдува врз база на податоците од Агенцијата за вработување туку врз основа на анкета на претпоставен број од активносто работоспособно население. Е сега со оглед дека од 2002 немаме податок за бројот на активно население туку тоа се прави врз база на претпоставени статистички податоци тогаш тоа е сомнително. Затоа сметам дека овој податок е резултат на непродуктивните вработувања во администрацијата и резултат на иселувањето. Истовремено сум загрижен и за социјалниот аспект. Пензискиот фонд, здравстевниот фонд и агенцијата за вработување се во длабок дефицит токму благодарение на владината политика на субвенции за нововработени пред се кај странските инвеститори но и разните даночни олеснувања кои во последно време се во функција на изборите. Таквата политика ќе доведе до ситуација да ги направи уште понеодржливи нашите социјални фондови што пак дополнително ќе го загрозат опстанокот и целосно функционирање на буџетот. Тврдам дека еврообврзницата од 270 милиони евра ќе биде доволна само до мај наредната година, така што Македонија длабоко ќе влегува во спиралата на задолженост“, смета економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Остварен сон

Премиерот Никола Груевски преку својот Фејсбук профил порача дека падот на невработеноста од 38 отсто во 2006 година на 25,5% го прави многу среќен и е остварување на неговиот сон. Според владата, намалувањето на невработеноста се должи на сериозните реформски зафати и здравите економски политики. Само со проектот Македонија вработува во последните седум месеци се вработени вкупно 10,100 лица во над 6,750 компании. Очекувањата се трендот да продолжи и во 2017 да се намали на 22% невработено работоспособно население. Сепак и натаму загрижува фактот што невработеноста кај младите останува загрижувачки високи 48,2%.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема