Колку навистина е голема опасноста од исламистите во Германија?
12 август 2012624 евра Рамазан Б. му уплатил на еден член на „Унијата на исламски џихад“. 25-годишниот државјанин на Германија го призна тоа пред Вишиот покраински суд во Штутгарт во средата (08.08.2012). Нему, како што рече, му било познато дека парите би можеле да бидат употребени за борба на милитантните групации. „Унијата на исламски џихад“, според сојузното германско обвинителството сака да го ослободи Авганистан од западното влијание и да воспостави исламски емират под владеење на талибанците. За тоа на оваа организација чие седиште е надвор од Германија и‘ се потребни пари, кои се обидува да ги добие и од германските симпатизери.
Германија како финансиски извор за терористите
За експертот за екстремизам Михаил Логвинов од Институтот Хана Аренд за истражување на тоталитаризмот, случајот на Рамазан Б. не е исклучок. Во Германија има голем број поддржувачи на ваквите организации, вели Логвинов за ДВ и додава. „Европа за исламистичките групи не е интересна како место за напад, туку и како извор на финансии“. За таа цел со терористичка пресметливост целно се испраќаат луѓе во Германија. Поддршката од симпатизерите достигнува од неколку стотици до повеќе десетици илјади евра.
Опасноста која произлегува од милитантните исламисти во Германија и натаму е висока, смета Логвинов. Но тоа го знаат и безбедносните власти и реагираат на соодветен начин. Проблемот не е ни преценет ниту потценет. Во 2010. година според Сојузната служба за борба против криминалот имало 350 истражни постапки со исламистичка заднина. Притоа меѓутоа мора да се направи јасна разлика, истакнува Логвинов. Имено само мал дек од процесите се однесуваат на исламистички напади или планови за напади. Останатите го имале тероризмот како наднаслов и се однесувале на пример на лица кои планирале воена обука во странство. Кон тоа се надоврзуваат и „помалите истражни постапки“ односно процеси за финансирање на тероризмот како сегашниот во Штутгарт.
Експертите со различни оценки за опасноста од тероризмот
Во периодот 2010-2011. година , берлинската подружница на службата за заштита на уставниот поредок го процени бројот на исламисти подготвени на насилство на 2950. Сојузната служба за заштита на уставниот поредок одбра поинаков фокус и изброја околу 1000 лица во терористичко-исламистичкиот спектар. Според експертот за екстремизам Логвинов тоа меѓутоа не значи дека сите овие лица се терористи, туку меѓу нив има и симпатизери подготвени на насилство. Покрај тоа постојат сознанија дека тогаш преку 250 лица отпатувале во Авганистан и во Пакистан за таму да направат обука за терористички напади. „Овие обучени 250 терористи се тврдото јадро . Тие планирале да бидат парамилитарно активни во Авганистан и во Пакистан“.
Повеќе од половина од овие лица по обуката се вратиле во Германија, продолжува Логвинов. Поранешниот претседател на Сојузната служба за борба против криминалот Јерг Цирке говореше за повеќе од 400 исламисти кои престојуваат во Германија. Околу 130 од нив важат за опасни и за нив може да се верува дека би можеле да извршат напад. Затоа тие постојано се набљудувани.
Логвинов истакнува дека мора да се набљудуваат не само овиое опасни лица туку и од пред очи не треба да се изгуби ниту радикалната сцена. Истовремено од есктремна важност е да се спречи стигматизирањето, кое во моментов настанува во однос на салафистите. Повеќето терористи имаат контакти со џихадистичката сцена во Германија но не и со салафистичката. Севкупно Логвинов како одговорно го оценува постапувањето на безбедносните служби и оти проблемот со „исламизмот во Германија“ се сфаќа многу сериозно. Меѓутоа според него тие го потценуваат значењето на превенцијата: „Повеќето мерки се засноваат на полициски операции. Тоа не е нешто со што може да се стави под контрола овој феномен“.