1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку критиките влијаат врз Путин?

Кристијан Трипе
20 октомври 2016

Рускиот претседател Путин по самитот за украинската криза во Берлин, тешко дека има намера договореното да го спроведе во дела, смета Кристијан Трипе

https://p.dw.com/p/2RScn
Deutschland | Vladimir Putin Pressekonferenz nach den Normandie-Gesprächen
Фотографија: REUTERS/A. Schmidt

Ретко некој самит бил толку преоптоварен, ретко биле очекувањата толку пригушени. Кај ниеден од четворицата учесници, Ангела Меркел, Франсоа Оланд, Владимир Путин и Петро Порошенко, немаше надеж за некаков поголем пробив. Не станува збор за ништо повеќе отколку беспоштедно „скенирање“ на ситуацијата, се вели во Берлин. Лидерската средба во Берлинбеше единствено во функција на „координирање на часовниците“ на четирите држави, истакна рускиот претседател Путин. 

Прашањата кои ги делат Москва и Киев навистина се од временски карактер, прашања околу временскиот редослед, околу најповолните моменти. Со договорот од Минск од февруари 2015. година, издејствуван со германско и француско посредништво, беше поставена рамката за надминување на конфликтот во Донбас. Беа изразени политички, правни и воени намери, вклопени во 13 точки. Човек не мора да е суеверен за да се посомнева во овој договор, зашто Минската спогодба не содржи временски роковник, не предвидува по кој редослед треба да се одвива договореното.

Секој со свои приоритети

Така, Москва и Киев се забарикадираа секој зад своите приоритети. Украинците сакаат прво да ги решат безбедносните прашања, а потоа да се зафатат со политика. Русите имаат сосем спротивно гледање. Киев прво треба да ги исполни своите политички обврски, па потоа може да се премине на теренот на воени прашања. Притоа, секоја политичка концесија во Киев се смета за „предавство“ и за „капитулација“. Руското раководство пак со својата реторика толку се позиционира на страната на сепаратистите, што и од негова страна би се сметало за предавство ако дозволи воен пад на бунтовниците. Ситуацијата не може да биде покомплицирана.

Trippe Christian F. Kommentarbild App
Кристијан ТрипеФотографија: DW

Германски напори

Германската дипломатија во последните недели прави обид за некакво придвижување во поглед на конфликтот во Донбас. Таа влезе во целосен ризик, ги тестира границите на преговарачките партнери, своите, ризикувајќи дури и фијаско. Во средината на септември германскиот министер за надворешни работи беше во Киев. Франк-Валтер Штајнмајер јавно соопшти дека рускиот колега Лавров го уверил дека Кремљ ќе го употреби своето влијание врз сепаратистите во Источна Украина заради постигнување прекин на огнот.

Руската мантра отсекогаш гласи - во основа, таа нема никаква врска со конфликтот. Напротив, владата во Киев треба да се договори со сеператистите за ставање крај на „граѓанската војна“. Еден ден подоцна стигна демантот од Москва: Лавров не кажал такво нешто, тој воопшто не ни може да даде таква изјава. Но сепак, новиот обид за молк на оружјето, кревок и овојпат, отвори простор за договор околу раздвојување на трупите.

Чекор нанапред?

Сега натамошно се преговара околу раздвојување на трупите и утврдување конкретна временска шема, временски план за спроведување на Минскиот договор, во што е направен добар чекор нанапред, од страна на германската канцеларка и францускиот претседател во улога на посредници, од украинскиот претседател во чија земја беснее граѓанска војна, и од страна на рускиот претседател, кој кога и да е ќе го искористи своето влијание врз сепаратистите во Источна Украина.

Путин во Берлин мораше да ислуша критики на своја сметка, за својата улога во Донбас и за рускиот воен ангажман во Сирија. Руската воена авијација, поддржувајќи ја војската на сирискиот претседател Асад,  го бомбардира цивилното население во Алепо. Францускиот претседател тоа го нарече воено злосторство, а германската канцеларка поради тоа навести нови санкции против Москва.

И покрај ова, Путин сепак дојде во Берлин. Дали поради тоа што е подготвен на отстапки? Затоа што забележува дека претерал, во Источна Украина и во Блискиот Исток? Или затоа што се обидува да ги искористи двете војни, интервенцијата во Сиријаи борбата за трајно влијание во Украина? Од оваа борба Путин сигурно нема да се откаже, иако самитот во Берлин беше повеќе отколку беспоштедно „скенирање“ на состојбата. На хартија сега стојат неколку резултати.