1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колатерална штета на односите меѓу Белград и Приштина

25 јули 2011

Одлуката на Косово да воведе царина од 10 отсто може да го затвори овој пазар за производите од БиХ. Аналитичарите сметаат дека тоа е потврда оти БиХ е жртва на нерешните политички односи на релација Белград-Приштина.

https://p.dw.com/p/122rE
Граничниот премин ЈарињеФотографија: Filip Slavkovic

Мерките на косовската влада дефинитивно може да ги затворат вратите за босанско-херцеговачките фирми за пласман на производите на косовскиот пазар. Со оглед на тоа што претпријатијата од Република Српска главно не соработуваат со Косово, мерките на владата во Приштина во прв ред ги загрозуваат претпријатијата од Федерацијата. Директорот на компанијата „ТТК Кабли“ од Широки Брег, Дарио Томиќ, за Дојче веле вели дека извозот на косовскиот пазар за неговото претпријатие сега е невозможна мисија.

„Царината од десет насто воведена на Косово претставува многу голем проблем во нашата бранша, браварската индустрија. Десет проценти се многу за која било бранша, а особено за нашата.“

И аналитичарот од Трговската комора на БиХ, Дулјко Хасиќ, смета дека воведувањето на царинската такса може да го затвори косовскиот пазар за босанско-херцеговачките фирми. Тој подвлекува дека ниту притисоците на меѓународната заедница засега не донесоа никакви резултати. „Без оглед на големиот притисок од БиХ и Европската унија, Косово не се откажува од воведувањето на мерките“, вели Хасиќ.

Одлуката на косовската Влада е логична?

Одлуката на владата на Косово не го изненади претседателот на партијата „Народна странка радом за бољитак“ и претставник во парламентот на БиХ, Младен Ивковиќ- Лијановиќ, бидејќи „секоја држава, односно владатa и парламантот треба да се грижат за својата економија“. „Тоа што го прави Косово на некој начин е логично, а последиците се неконкурентни производи од БиХ“, подвлекува Младен Иванковиќ-Лијановиќ. Според него, спорно е што БиХ не се грижи за своите граѓани и својот економски простор. Тој се залага за реципрочни мерки.

Parlament der Föderation Bosnien und Herzegovina
Парламентот на Федерацијата БиХ во СараевоФотографија: DW

Со оглед на тоа што БиХ не го призна Косово, не е можно да се склучат билатерални економски договори. Економските односи меѓу Сараево и Приштина затоа се темелат на регионалните договори, како на пример Договорот за слободна трговија (ЦЕФТА).

Економијата жртва на политиката

Економската аналитичарка и претставничкa во државниот парламент, Азра Хаџиахметовиќ, смета дека и овој случај покажува дека економијата е жртва на регионалните политички недоразбирања. „БиХ и Косово се потписници на исти трговски аранжмани и обврзани се на либерализација на трговијата. Но, морам да признаам дека потегот на Косово е одговор на потегот на Советот на министри на БиХ“, вели Хаџиахметовиќ.

Советот на министри на БиХ не ја признава косовската документација, поради што приштинските власти донесоа одлука за воведување царина. Косово е еден од ретките економски простори, со кои Босна и Херцеговина имаше позитивен надворешно-трговски биланс. Само мината година вкупната трговска размена меѓу БиХ и Косово изнесуваше 345 милиони (босански) марки.

Автор: Самир Хусеиновиќ / Александра Трајковска

Редактор: Горан Чутаноски