1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се последиците од банкротот на Грција?

АРД/Ж.А.28 јуни 2015

Дали можниот банкрот на Грција би значел и нејзино автоматско излегување од еврозоната? Ова е само едно од бројните прашања кои се поставуваат по прекинот на преговорите на Еврогрупата и Грција.

https://p.dw.com/p/1FoZq
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Кои се можните сценарија на расплетот на кризата во Грција? Кои опција се на маса? На овие прашања одговор дава правниот експерт на германскиот јавен радиотелевизиски сервис АРД, Франк Бројтигам.

Дали банкротот на Грција автотамски води кон „грекзит“, излез на Грција од еврозоната?

Не, тие две работи треба да се посматраат одвоено една од друга. Ако Грција банкротира, тоа не значи автоматски и дека ја напуштила еврозоната.

Постојат ли посебни правила како се одвива државен банкрот?

Не. Кога ќе банкротира некоја фирма, за тоа постојат јасни законски одредби. Кредиторите, врз основа на посебни правила, имаат шанса да вратат дел од својот имот. Такви правни правила не постојат за државите.Затоа е поверојатно дека на Грција и нејзините доверители, во случај на банкрот, им претстојат долгогодишни судски процеси.

Euro-Skulptur in Frankfurt am Main Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Постојат ли искуства со државни банкроти?

Да. Посебно во сеќавање е банкротот на Аргентина, на Божик 2001 година. Банкротот и отписот на долговите во 2005 и 2010 година доведе до тоа кредиторите на оваа држава да загубат 70 проценти од своите побарувања. Поради тоа и до денес се во тек компликувани судски процеси. Дури и повеќе хеџ-фондови, кои во времето на криза меѓу 2001 и 2003 година купија аргентински државни обврзници за делче од номиналниот износ, не сакаа да учествуваат во процесот на отпис на долговите. И Германскиот сојузен суд во февруари 2015 година на двајца приватни инвеститори им одобри подигање тужба против Аргентина.

Дали излезот од еврозоната е правно регулиран?

Не, таква можност никаде не е предвидена. Можеби „досетливите правници“ ќе пронајдат некоја опција, но во секој случај, тоа ќе биде екстремно тешко. Дури и ако Грција стане несолвентна, еврото останува законско средство на плаќање. Професорот по европско право Кристоф Херман изјави: „Грција може да банкротира. Меѓутоа, еврото се заснова на законска регулатива, а таа на овој начин нема да се промени. Во Европскиот закон за воведување на еврото од 1998 година пишува: „Еврото, на денот на преминот кон нова валута, ги заменува важечките валути според порано утврден курс во државите кои го воведуваат.“ Грција го воведе еврото во 2001 година. Тој закон и натаму е во сила. Без негова промена, нема ни излез на Грција од еврозоната.

Griechenland EZB Bank
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Може ли Грција еднострано да излезе од еврозоната?

Еден од споменуваните начини за тоа е членот 50 од Европските договори во кој пишува дека „Секоја држава членка може да реши да ја напушти ЕУ.“ Но, правно регулиран е само излезот од ЕУ, а не и од еврозоната. Излезот од еврозоната би настапил автоматски ако Грција ја напушти ЕУ. Сепак, едностран излез од ЕУ стапува во сила дури две години по носењето на таквата одлука. Теоретски, владата во Атина би можела да се повика и на „општите одредби на меѓународното право“ и на „вонредната состојба во која се нашла државата“ и да побара излез од ЕУ. Прашање е меѓутоа и дали меѓународното право може да им го одземе приматот на Европските договори.

Можат ли другите држави едноставно да ја „исфрлат“ Грција од еврозоната?

Правно гледано, тоа е уште потешко отколку грчкото еднострано напуштање на еврозоната. Факт е, навистина, дека Грција со години ги крши одредбите на Европскиот пакт за стабилност на еврото и стопанскиот пораст. На пример, во однос на дефицитот во државниот буџет. Меѓутоа, санкциите за такви случаи се јасно дефинирани. Никаде не се споменува „исфрлање“ од еврозоната.

При кршење на темелните вредности на ЕУ, како демократијата, еднаквоста пред законот, правната држава и човековите права, на одделни држави може да им се одземат одредени права. Но, дури и кај тешки кршења на европските начела, никаде не се споменува „исфрлување“ од ЕУ. Бројни експерти се убедени дека кај толку јасни прописи, не може паралелно да се посегне ни по оние од меѓународното право.

Symbolbild Griechenland EU
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Правно, можен ли е излез од еврозоната ако Грција и останатите држави од монетарната унија се договорат заеднички?

Излез на Грција од еврозоната е најостварлив ако биде договорен меѓу сите засегнати, значи Грција и останатите евро-земји и ЕУ. Само тогаш е можно брзо преминување од еврото на евентуална нова валута. Но, и овој пат е право комплициран и би бил следен со бројни несигурности.

Експертот за европско право Кристоф Херман укажува на следните можности, означувајќи ги истовремено за „правна акробатика“. Одредбите од Европските договори и посебните правила за пристап кон еврото, може да се земат како правна основа за сосем спротивен случај, значи за излегување. Правно, тоа би се нарекло "actus contrarius". Така, Грција, од правна точка и од аспект на монетарните правила, би била вратена во состојбата пред 2001 година. Паралелно земјата би требало да издаде неопходни правни акти за воведување на новата валута и фактички да ја воведе. И ова решение претпоставува извесно време за реализација, истакнува Херман.