1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога ветото се претвора во слабост

28 мај 2022

Во предлозите на Конференцијата за иднината на Европа стои дека за многу работи ќе се укине едногласноста при одлучувањето во ЕУ. Но треба да остане само за проширувањето на блокот. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4Bysi
Symbolbild EU Gipfel
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред еден месец поранешниот премиер Зоран Заев, во својот прв јавен настап по абдицирањето од власта, од Струмица зборуваше за принципот на одлучување во Европската унија кој нему му ја загорчи политичката кариера. Еднаш по ветото на Емануел Макрон во 2019 понуди оставка и организирање предвремени избори, а вториот пат ветото на Бугарија, заедно со другите пропусти во неговото владеење, го доведе до пораз на локалните избори. И негово заминување од политичката сцена.

Заев од Струмица ја повика ЕУ да размисли дали со начинот на кој одлучува се доведува во ситуација „една земја членка да блокира цел регион од крајно ирационални и националистички причини и дали е тоа механизам со кој се развива европската идеја. Ако не е, а знам дека не е, тогаш променете го начинот на носењето на одлуките. ЕУ мора да дејствува во сопствена корист, во корист на европската идеја, која по дефиниција е либерална, отворена, широка. Европската идеја не смее да остане уценета од национализмот, не смее да дозволи национализмот да става вето врз слободата“, рече тогаш Заев.

Има горчина во неговите зборови по храбрите одлуки што ги донесе поради кои му оддаваа признание низ цела Европа и во САД. Но признанијата не се она што те одржува во политиката. Тоа се гласовите. А Софија, славејќи го како политичар кој најмногу успеал да ги доближи двете земји, направи сѐ да го поткопа неговото владеење. И после, откако го урнаа, бугарските политичари да предупредуваат дека за Софија „ќе биде лошо ако националистите во Скопје“ ја преземат власта.

-други колумни од авторот: ЕУ со полна брзина оди кон бездна на Балканот

Повикот на Заев не е ништо ново кога станува збор за Македонија. Такви повици и желби имаше на стотина додека Грција 26 години ја блокираше Македонија и во ЕУ и во НАТО (нема никакви дилеми дека грчкото вето им нанесе најтешки удари на македонските евроатлантски амбиции), но тоа никогаш не се случи. И веројатно нема ни да се случи.

Малку надеж

Ирскиот премиер, Михол Мартин, за време на својот настап оваа недела на Светскиот економски форум во Давос јасно изјави дека неговата земја е отворена за промена на Договорот на Европската унија и за отстранување на ветото на земјите-членки за  проширување на блокот  и за воведување санкции.

„Ние не ја затвораме вратата против промената на договорите по Конференцијата за иднината на Европа“, рече Мартин за новинарите во Давос во средата. Мартин претходно за време на панел-дискусијата за европското единство рече дека е „надвор од разбирањето“ што обидите на Албанија и Северна Македонија да започнат разговори за прием во ЕУ се блокирани со ветото на една земја-членка. Ирскиот премиер додаде дека двете земји, кои аплицираа за пристап во ЕУ пред повеќе од една деценија, „досега требаше да бидат членки на ЕУ“.

Тоа изгледаат како убави зборови, дека нешто може навистина да се промени во однос на ветото во ЕУ, кое почна да станува нејзина голема слабост. Особено сега кога треба да се одлучува за ембаргото за нафта на Русија, за кандидатските апликации на Украина и Молдавија, или за безбеносната криза во нашиот регион и бугарската блокада.

И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 9 мај кога во Европскиот парламент ги претставуваше заклучоците од повеќемесечната работа на Конференцијата за иднината на Европа, рече дека ги поддржува реформите во ЕУ со кои ќе се откажат од едногласноста во одредени области.

Но има малку надеж за кандидатите за членство во ЕУ дека Унијата ќе се откаже од едногласноста кога станува збор за проширувањето. Пленарната седница на Конференцијата за иднината на Европа усвои 49 предлози во кои се содржани 300 мерки низ девет теми како да се стигне до нивно усвојување. Тие предлози се врз основа на 178 препораки од Панелите на европските граѓани и Националните панели. Овие предлози добија широка поддршка од петте главни политички групации во Европскиот парламент, а против беа само европратениците од порадикалните групи на Европски конзервативци и реформисти и Идентитет и демократија. Сега тоа треба да помине низ филтерот на усвојување и можеби да резултира со промена на Договорот за ЕУ.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Ветото за проширувањето

Македонија (а и другите кандидати) не треба да се надева дека може да се промени нешто во однос на ветото. Во главата 39 од предлозите, за процесот на одлучување во ЕУ стои дека треба да се земат предвид интересите на земјите-членки, а одлуките да се носат низ транспарентен и разбирлив процес за европските граѓани.

Во предлогот, меѓу другото, стои: „Сите прашања што се одлучуваат со едногласност треба да се носат со квалификувано мнозинство. Единствените исклучоци треба да бидат приемот на нови членки во ЕУ и промените на фундаменталните принципи на ЕУ“.

-други колумни од авторот: Тодор и Ванче

Значи и во „новата Европска унија“ би требало да остане принципот на вето за проширувањето. Тоа не е добра вест за  кандидатите за членство.  Излегува дека најклучна работа во ЕУ, на исто рамниште како и промената на нејзините „уставни принципи“, е приемот на нови членки. Нема ништо друго поважно – ни распределбата на парите од буџетот, ни правата на граѓаните, ни климатските промени...

Во овие предлози за иднината на ЕУ има многу детализирани препораки во сите сегменти на нејзиното функционирање, од здравствениот систем, климатските промени, дигитализацијата, надворешната политика да се води од еден центар, па дури и предлози Европскиот совет да се преименува во Сенат на ЕУ, а Европската комисија во Извршна комисија на ЕУ. Тоа, секако, се работи кои се од маргинална важност за македонската јавност, која размислува само како да ја помине европската порта.

Како што се појавија препораките за начинот на одлучување веќе се јавија толкувања дека проширувањето ќе стане жртва во договарањето како да се стартува реформскиот процес во ЕУ. Германија и Шпанија јасно нагласија дека се залагаат ЕУ да го реформира начинот на одлучување кога станува збор за проширувањето, но големо прашање е дали ќе можат да успеат во тоа поради различните интереси на членките.

Франција, Италија и Германија како ударна европска тројка бараат ЕУ да се однесе на шините на пошироки реформите, бидејќи ЕУ, особено со војната во Украина, е на пресвртна точка. Но не мислат сите така. Половина од земјите на ЕУ, тринаесет, мислат дека е прерано да се почне процес за промена на Договорот. Меѓу нив се скандинавските членки и оние од Источна Европа. Некои од нив, како Чешка, веќе го омекнаа својот остар отпор и покажаа подготвеност на дијалог. Други, како Полска, не сакаат да помислат на попуштање. „Предлогот за нас е неприфатлив, бидејќи тој ќе значи диктатура на најсилните земји на ЕУ врз помалите држави и ќе го елиминира гласот на нашиот регион“, изјави пред десетина дена полскиот вицепремиер Јацек Сасин. Во оваа група што се спротивставува на реформите е и Бугарија.

Аналитичарите од познатите европски тинк-тенкови велат дека во пазарењето за конципирање на единствена надворешна политика проширувањето ќе биде искористено како монета. Земјите од источна Европа имаат голем интерес ЕУ да продолжи со проширувањето, меѓу другото затоа што и тие еднаш беа во тој неизвесен процес и затоа што со новите членки ќе се зголеми бројот на посткомунистичките држави кои можат многу често да најдат свој заеднички интерес.

Едногласноста им овозможува на помалите членки да бараат исклучоци, како сега околу ембаргото на руската нафта. Во системот на гласање со мнозинство тоа веќе нема да биде возможно и малите земји ќе направат сѐ тој процес да не се реформира. И тогаш ќе се затвори кругот – за реформирање на гласањето со мнозинство потребна е едногласност и сосема сигурно дека Унгарија ќе стави вето во тој процес за да не се промени ништо. Затоа не треба да изненадува дека едногласноста за проширувањето стои и во предлозите како треба да изгледа иднината на Европа.

-други колумни од авторот: Од Макрон, со не многу љубов

Еднa од опциите кои би можела да се стави на маса, ако не поминат предлозите за промена на Договорот во сферата на одлучувањето, е Европа да се развива со повеќе брзини. Тоа веќе го навести  Емануел Макрон  во својот говор во Европскиот парламент кога рече дека „Европа не би требало да чека на најскептичните или на оние што најмногу се двоумат“. Тоа претпоставува дека девет земји-членки може да воспостават напредна интеграција без да има промена на Договорот.

Едно, второ или трето за Македонија во овој момент е сеедно. Таа не може да го помине прагот поради блокадата на Бугарија. А нејзиното право на вето изгледа ќе остане. Без оглед на тоа што токму тоа право на вето станува најголема слабост на ЕУ, бидејќи не може да конципира напредни политики ниту да се етаблира како вистински геополитички играч. Па, сепак, нашата судбина е таму.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар