1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клуч на вратата за „лажните азиланти“

Ф.Нуш/ С. Недевски19 септември 2014

„Лажните азиланти“ од Балканот и натаму претставуваат закана за безвизниот режим за земјите од регионот, но и финансиски товар за државите од Унијата. Германската влада сега со нов закон се справува со проблемот

https://p.dw.com/p/1Cbfd

Водата од чешма за оваа млада жена сѐ уште е луксуз. Од пред две години таа со ќерките живее во еден дом за бегалци во Берлин. Не сака да се знае нејзиното име. Во 2012. година го напушти селото во Србија во кое живееше. Ова ромско семејство не сака да се врати во Србија.

„Не можевме да останеме таму. таму луѓето не мразат. Тоа е секојдневна борба. Никој не ни дава работа. Најдобро нешто што ми дадоа се валкани работи, за кои никогаш не ми платија. таму едноставно не можевме да останеме.

Токму како и ова младо семејство во Германија само досега годинава барање за азил поднеле преку 60 илјади луѓе, повеќе отколку во која било друга земја од ЕУ. До крајот на годинава би требало да бидат дури 200 илјади. Таквата бројка би можела да ја преоптовари Германија, предупреди Томас де Мезие, германскиот министер за внатрешни работи:

„ Нашето општество го одликува голема подготвеност да прими азиланти, а одговорната политика за азил мора да биде насочена кон тоа да бидат примени оние на кои навистина им е потребна заштита“.

Ромите кои во своите земји често се жртви на непријателства и дискриминации, не припаѓаат во таа група, смета германската влада. Поради тоа таа сега Србија, македонија и Босна и Херцеговина ги прогласи за безбедни земји на потекло. Во случај соодветниот закон да биде одобрен, бегалците од овие земји повеќе нема да имаат речиси никакви шанси да добијат азил.

Deutschland Hessische Erstaufnahmeeinrichtung für Flüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Всушност азил на никому од нив не му е ни потребен, нагласи српскиот премиер Александар Вучиќ за време на неодамнешната посета на Берлин. Тој смета дека Ромите пред сѐ сакаат да избегаат од сиромаштијата.

„Тоа е економска причина. Тие луѓе, што е несреќно за мене и за мојата земја, во Германија можат да имаат подобар живот отколку во Србија. Тоа е и причината зошто постапуваат така. Ист е случајот и во другите земји од Источна Европа и се однесува пред сѐ на ромската популација. Правиме најдобро што можеме за да го решими тој проблем, кој нема ништо заедничко со политиката“

Опозицијата во Бундестагот критикува дека барателите на азил од Балканот во иднина ќе бидат паушално одбивани и оти во рок од само една недела ќе бидат принудно враќани дома.

Клаудија Рот, пратеничка на партијата на Зелените во Бундестагот:

„Важно е да се прифати дека е во прашање индивидуално право. Тоа ми припаѓа мене како на личност. Не може некоја влада да каже: сега го ставам тоа вон сила- пех ти е што доаѓаш од таа и таа земја. Прогласувам дека оваа земја е безбедна и не постои причина да се бега оттаму“.

Владејачките Социјалдемократи сметаат дека опозицијата претерува.

Symbolbild Notstand deutscher Städte bei Flüchtlingsunterkünften
Некои германски градови се соочени со голем наплив азиланти и имаат проблеми со нивно сместувањеФотографија: picture-alliance/dpa

Ридигер Рајт, пратеник на СПД во Бундестагот истакнува:

„Секој и натаму може да го оствари своето право на азил врз основа на индивидуалните причини за прогон. Тогаш ќе се одлучува, додуша во скратен рок, ама никој не може поради тоа да каже дека погодените лица генерално се оставени без заштита“

Поради силниот раст на бројот на баратели на азил, многу општини во Германија одамна стигнаа до границата на можностите. Сѐ почесто има проблеми со сместувањето на бегалците- како овде во Берлин.

Покрај олеснетото протерување на бегалците од Балканот, новиот закон на барателите на азил им нуди и некои нови шанси. Досега им беше дозволено да работат најрано девет месеци по влезот во Германија. Овој рок сега е намален на три месеци. Тоа одамна требаше да биде сторено, велат организациите за помош на бегалците, како Џошуа Квези Ајкинс, активист за правата на бегалците:

„На една страна се попушта и има определени олеснувања. А тоа потоа се компензира на друга страна така што се шири кругот на наводно безбедни земји на потекло. Мислам дека тоа е како на пазар“

И германскиот претседател Јоахим Гаук на германската политика за азил и‘ дава просечна оценка. Тој смета дека Германија за ова прашање, тежнее да ја крои правдата како сака.

„Правиме ли сѐ што можеме? Судејќи според бројките се наметнува одговорот дека ние, значи Германија и Европа правиме многу. Ама не толку многу колку што понекогаш изгледа“

По процедурата која траеше речиси една година, неодамна властите во Берлин го одбија барањето за азил на младата Ромка од Србија. Но досега не е протерана затоа што е бремена.

Со новиот закон во иднина значително помалку луѓе од Балканот можат да бараат азил во Германија. За владејачката коалиција во Берлин тоа е успех.