Клучни пресметки за пласман на Мундијалот во Бразил
19 ноември 2013По одигрувањето на реванш - натпреварите денеска и утре ќе бидат познати последните осум репрезентации кои ќе обезбедат учество на Светското фудбалско првенство во Бразил 2014. година. Вечерва, Романија во Букурешт ќе се обиде да ја надокнади негативата од 3:1 од првиот дуел против Грција. Во Загреб, Хрватска ќе се обиде да го скрши отпорот на аутсајдерот Исланд, откако првиот меч заврши без голови. Во Стокхолм ќе следува уште една пресметка на супер-ѕвездите Златан Ибрахимовиќ и Кристијано Роналдо. Во првиот дуел токму Роналдо и‘ донесе минимална предност од 1:0 на Португалија против Шведска.
Во Париз, Французите ќе се обидат да се извлечат против Украина по тешкиот пораз на гостувањето во Киев од 2:0.
Уште две африкански репрезентации денеска ќе можат да резервираат летови за Бразил. Гана е речиси сигурен патник откако во првиот дуел го совлада Египет со 6:1. Неизвесно ќе биде на реваншот меѓу Алжир и Буркина Фасо, откако првиот дуел заврши со минимален пораз на Алжир од 3:2.
Утре се играат последните две бараж - пресметки, иако не се очекува голема неизвесност. Мексико ќе ја брани предноста од 5:1 против Нов Зеланд, а Уругвај против Јордан (5:0).
Пласман на Мундијалот веќе обезбедија 24 земји: домаќинот Бразил, Аргентина, Колумбија, Чиле, Еквадор, Хондурас, Костарика, САД, Холандија, Италија, Белгија, Швајцарија, Германија, Босна и Херцеговина, Русија, Англија, Шпанија, Нигерија, Брегот на Слоновата Коска, Камерун, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Иран.
„Класико“ во Лондон
Иако баражите ќе бидат во центарот на вниманието на фудбалската јавност, занимлива за љубителите на фудбалот ќе биде и пријателската пресметка меѓу Англија и Германија во Лондон. Ова ќе биде прв дуел на двете селекции кои „негуваат“ децениско ривалство по пауза од 3 години. Нивната последна пресметка се случи на Светското првенство во Јужна Африка во 2010, и тогаш Германија излезе како убедлив победник (4:1).
Овојпат и двата тима ќе излезат во доста променети состави, поради повреди и одмор на клучните играчи. Англичаните ќе се обидат да не го загубат и вториот едноподруго пријателски меч на Вембли, откако во петокот беа поразени од Чиле со 2:0. Германците, пак, опуштено влегуваат во дуелот по нерешениот исход (2:2) на гостувањето во Милано кај Италија.
Аргумент повеќе за таквиот впечаток е и фактот што целата германска репрезентација на последниот тренинг пред мечот, наместо со обезбедениот превоз, до стадионот Вембли се упати користејќи ја подземната железница.
„Не се работи за никаква ПР или маргетинг акција, едноставно сакавме да го избегнеме сообраќајниот метеж“, соопштија од Фудбалскиот сојуз на Германија.