Клинтон излезе од болница
3 јануари 2013Заменик помошникот државен секретар Филип Рејнс изјави дека Хилари Клинтон, според трвдењата на нејзиниот медицински тим, добро напредува во секој поглед и наскоро ќе закрепне.
Рејнс додаде дека Клинтон е задоволна со исклучителната нега, која ја добила во болницата и оти едвај чека да се врати на работа, а датумот на нејзиното враќање во Стејт департментот се‘ уште не е утврден.
Клинтон беше задржана на лекување во неделата, отако за време на прегледот е утврдено дека во вената меѓу черепот и мозокот има згрутчување и е проценето дека во болница треба да остане најмалку 48 часа. Нејзините лекари претходно изјавија дека тромбот не предизвикал мозочен удар, ниту невролошки оштетувања.
Американската министерка не е видена во јавноста речиси четири недели, откако доби стомачен вирус на враќањето од Европа на 7 декември, поради што ја откажа посетата на северна Африка. По инфекцијата таа дехидрирала, а потоа загубила свест и доживеала потрес на мозокот, кој, како што се претпоставува, го предизвикал тромбот.