Кипар не сака да ја напушти еврозоната
29 март 2013Во банките на Кипар нема турканици, но сепак - контролата на протокот на капитал ќе остане за подолг период отколку што се очекуваше. Претседателот Никос Анстасијадес (фото горе) денеска (29.03) најави дека контролите на протокот на капитал ќе попуштаат постепено. Тој не прецизираше кога се‘ ќе биде повторно дозволено. Досега се велеше дека контролата ќе трае седум дена. Министерот за надворешни работи Јоанис Касулидес рече дека ќе се врши контрола еден месец.
Вчера кипарските банки, по двонеделна пауза, повторно ги отворија вратите. Наспроти стравувањата, хаос немаше. Сепак, за нормална состојба уште долго не може да стане збор. Штедачите смеат да подигнат само износи во висина до 300 евра дневно, а кога патуваат во странство смеат да се понесат само 1000 евра. Денеска малку се олабавија ограничувањата на плаќањето побарувања на властите - со чек може да се платат побарувања во висина до пет илјади ева. За повисоките износи дозвола треба да даде Централната банка на Кипар.
Претседателот Анстасијадес денеска не штедеше критика на сметка на евро-партнерите и ја обвини еврозоната за поставување „невидени барања“ до Кипар, но нагласи дека неговата земја ќе остане дел од еврозоната. „Во никој случај нема да експериментираме со иднината на нашата земја“, рече Анастасијадес.