Кипар добива нова рата од помошта на ЕУ
13 септември 2013Министрите за финансии од еврозоната дадоа зелено светло, како и што се очекуваше, за доделување на нова транша од помошта за Кипар во вредност од 1,5 милијарди евра.
Исплатата ќе почне кон крајот на овој месец по одобрение од Европскиот стабилизациски механизам (ЕСМ), фондот за поддршка на еврозоната, се наведува во соопштението на министрите објавено по средбата во Вилнус.
„Кипарските власти направија решителни чекори за да го стабилизираат финансискиот сектор, да ги исполнат фискалните цели и да забележат напредок во структурните реформи“, се додава во соопштението.
Истовремено, тие побараа од Никозија да продолжи со напорите, бидејќи „краткорочната економска перспектива се’ уште е тешка и изложена на значителна несигурност“.
Кипарскиот министер за финансии Харис Јоргиадис изјави дека Владата е максимално ангажирана, бидејќи „знае какви се проблемите и какви треба да бидат решенијата“. Во март годинава беше составен пакет со финансиска помош за Кипар во вредност од 10 милијарди евра. Земјата со месеци наназад уверува дека самата може да го санира загрозениот банкарски сектор. Истовремено земјата се наоѓа во рецесија.