1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинеската економија не треба да се отпише

Штефен Вурцел (ард) / ЕМФ30 јануари 2016

Кинеската економија е во криза. Менаџери, аналитичари и политичари ширум светот предупредуваат на опасноста од пад на кинеската економија. Кинеските експерти меѓутоа имаат сосема поинаков став, а за тоа има добри причини

https://p.dw.com/p/1HmD3
Фотографија: picture alliance / dpa

Брутодомашниот производ на втората по големина економија на светот, според официјалните податоци, во минатата година забележал пораст од 6,9%. Можно е вистинската бројка да е нешто помала. Во споредба со двоцифрените стапки на пораст пред 10 години, тоа е малку. Но сепак, кинескиот економски пораст е сѐ уште впечатлив. Аналитичарите пресметаа: во апсолутни бројки домашниот производ во Кина минатата година се зголеми повеќе отколку во 2005-та, иако тогаш стапката на пораст беше многу повисока. Темпото на пораст е забавено, но рецесија, односно намалување на економското постигнување, не е на повидок.

Сѐ повеќе луѓе во Кина живеат добро

Платите на вработените во Кина се зголемуваат, а се зголемува и животниот стандард. Според една студија на британски „Економист“, во меѓувреме околу 25% од кинеското население му припаѓаат на средниот слој. Пред 10 години тоа беа само десет проценти. Овој среден слој е подготвен да троши пари и да купува. Во Кина приватната потрошувачка досега има удел од 37% во брутодомашниот производ. Во САД тоа е речиси двојно повеќе. Од агол на потрошувачката, значи, во Кина е потребно да се направи уште многу.

Новите бранши со пораст носат многу шанси

Кина порано важеше за „работилница на светот“. Вкупниот економски концепт на народната република беше насочен кон извоз. Облеката, предметите за секојдневна употреба и едноставните електронски производи станаа многу евтини и се произведуваа во огромни количества во кинеските фабрики, а потоа се продаваа на пазарите во цел свет.

Во меѓувреме и во други земји се произведува поевтино. Кинеската економија се менува. Идни бранши на пораст се сфери како биотехнологијата, обновливите енергии и интернет-технологијата. Од тоа германските фирми би можеле да профитираат натпросечно.

Кинеските потрошувачи даваат повеќе пари и за услуги. Оттука, други бранши каде ќе се бележи пораст во иднина би можеле да бидат образованието, негата и спортот. Огромен пораст бележи и секторот на забава. На пример, киното: обртот во делот на продажба на билети за кино е зголемен за речиси 50%. Експертите сметаат дека годинава ќе биде забележан дополнителен скок од 25%.

spielzeug produktion
Кина порано важеше за „работилница на светот“, но денес евтино се произведува и во други земјиФотографија: picture-alliance/ dpa

Нема потреба од страв од кинеските берзи

Кинеските берзи во последните месеци забележаа повеќе падови. Тоа ги загрижи и инвеститорите во Европа. Тие грижи се оправдани, но не треба да бидат претерани. Правилата кои важат за претпријатијата на кинеските берзи се многу полабави отколку тука. На кинеските берзи работите се одвиваат помалку сериозно отколку во Европа или во Америка. Затоа и такви падови на берзите, кои не би требало да се споредуваат со берзите во Франкфурт, Лондон или Њујорк.