1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Кина планира вештачка месечина

Хана Фукс
25 октомври 2018

Кина сака да инсталира вештачка месечина во вселената. Зошто? За да штеди струја. Звучи апсурдно, но тоа е одамна во план и отвора многу прашања.

https://p.dw.com/p/376vv
Mondfinsternis 2018 | Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Зошто да не? Во времиња на „лажни вести“ попатно може да се најави и „лажна месечина“. Одговара извонредно! Само што има еден не баш неважен детал: Кина е сериозна!

Таа сака да испрати сателит во орбитата кој со помош на рефлектори ќе симулира вештачка месечина. Смислата и целта на целата работа е следна: сателитот би требало да го замени уличното осветлување во метрополата Ченду, на југозападот на земјата. Кина сака да заштеди трошоци за струја, и тоа околу 150 милиони евра  годишно.

Научна фантастика? За жал, не!

Може да се мисли дека станува збор само за мегаломанија, но Ву Чунфенг, раководител на научното здружение Тијан Фу Њу Ериа и прв човек на претпријатието ЦАСЦ, кое е тесно поврзано со кинеската вселенска програма, за весникот „Чајна Дејли“ соопштува неколку детали. Според она што го зборува тој, плановите се чинат навистина конкретни. До 2020 година во вселената треба да биде исфрлен првиот тест-сателит. Тој, за секоја сигурност, би требало прво да свети над некоја пустина, за да може да се истражат функцијата и последиците. Доколку сѐ мине добро, до 2022 година би требало да следуваат три натамошни сателити.

И би светлост... Или можеби и не!

Идејата не е сосема нова, пишува Германскиот центар за воздушен сообраќај и вселенски летови (ДЛР). „Плановите за вештачко осветлување на ареали на Земјата кое би се наоѓало во вселената постојат уште од 1960-те“, нагласува портпаролот на ДЛР, Андреас Шиц. Последно Русија во 1990-те експериментираше со прекршувачки огледала во вселената, кои требаше да фрлаат сончева светлина на Земјата. Проектот беше познат под името „Вселенско огледало“, но не помина според очекувањата.

Сепак, визијата за „лажна месечина“ не е сосема исчезната. Подрачја на примена за ваква соларна техника има. На пример, во Норвешка постои еден вид „посна верзија“ на ваквата идеја. Во Рјукан огромни огледала фрлаат сончева светлина во местенцето со околу 3500 жители, кое е опколено со планини.

Norwegen Spiegelinstallation
Со помош на огледалата во Рјукан се обезбедува сончева светлина Фотографија: MEEK, TORE/AFP/Getty Images

Но, и до ден денес има критики за ваквите проекти. Исто како и во текот на тестовите на руските колеги, и во кинескиот случај многу прашања остануваат отворени. На пример, какви конкретни последици ќе има ваква дополнителна месечина.

Популациониот еколог Рајнхард Кленке од Хелмхолц-центарот за истражување на животната средина, смета дека има прашања кои мора да се разјаснат, како што е темата - светлосно загадување.

Затемнувањето на Месечината низ „објективот“ на НАСА

„Штедењето енергија е навистина паметна идеја, но од друга страна - последиците се многу широки, поради тоа што условите на осветлување ќе бидат променети на многу голема површина“, вели Кленке.

Според некои студии, веќе сега над 80% од светското население живее под повеќе или помалгу светлосно загадено небо. Тоа конкретно значи дека растечкото осветлување на улици, плоштади, згради или споменици, го заматува погледот кон ѕвезденото небо.

Тоа не е само проблем за љубителите на ѕвезди, туку и за животинскиот и растителниот свет. Покрај животните кои се активни ноќе и кои се ориентираат во темница без проблем, светлосното загадување има негативни последици и за растенијата, на кои им е неопходна промената ден-ноќ за фотосинтезата.

Променет биоритам

Дополнителна месечина „темелно би ги променила условите“, објаснува Кленке. Особено, доколку таа месечина диференцирано осветлува голема површина, односно доколку исчезне разликата меѓу ден, ноќ и самрак.

„На долг период тоа би можело да предизвика еволутивни промени. Животните се прилагодуваат. Тоа не мора да биде штетно, може едноставно да биде поинаку“, оценува Кленке.

Fledermäuse International Bat Night 2016
​Вештачко осветлување на големи површини ќе го промени животинскиот и растителниот свет​Фотографија: Dietmar Nill

Како и да е, промените би имале големи последици. Животните би можеле на долг рок да го променат своето однесување, нивните конкурентски односи би се измешале и тие би морале да ја прилагодат својата потрага по храна.

На пример, животните кои во самрак веќе не можат да гледаат, со помош на вештачката месечина би можеле да останат активни уште извесно време и да ловат. Животните кои се плен, а кои бараат заштита од ноќта, тоа веќе нема да можат да го најдат. „Со тоа, одредени суштества би имале предности, а други не“, прогнозира Кленке.

Тој верува дека долгорочно луѓето повеќе би страдале од таков вид осветлување, отколку животните: „Видовите кои нема да се снајдат со таква промена, ќе изумрат. Други пак, ќе ја искористат шансата што ја нудат ваквите услови. Факт е дека системот ќе се промени. Дали тоа го сакаме, е прашање.“